Ватикански и италијански претставници го критикуваа американскиот претседател Доналд Трамп за објавувањето фотографија генерирана од вештачка интелигенција на која е облечен како папа за време на деветдневната жалост за починатиот папа Франциск, пред конклавата за избор на нов папа што започнува на 7 мај.
Во исто време, американските претставници пронајдоа зборови за оправдување за потегот на Трамп, објави АП.
Фотографијата беше објавена во петокот вечерта на социјалната мрежа на Трамп, Truth Social, а подоцна беше споделена од Белата куќа на својот официјален профил на платформата X.
Поранешниот италијански премиер Матео Ренци изјави дека фотографијата е срамна и навредлива за верниците и институциите.
Портпаролот на Ватикан, Матео Бруни, одби да коментира. Католичката конференција на државата Њујорк го обвини Трамп дека се потсмева на Римокатоличката црква и верниците со објавувањето на таква фотографија.
Италијанските и шпанските медиуми, реагирајќи на фотографијата на Трамп како папа, изјавија дека таа сведочи за „лошиот вкус“ на американскиот претседател, како и дека фотографијата е навредлива со оглед на тоа што е во тек периодот на официјална жалост за папата Франциск.
Италијанскиот весник „Република“ вчера објави фотографија од Трамп како папа на насловната страница, обвинувајќи го Трамп за „патолошка мегаломанија“. Десничарот и сојузник на Трамп, Џек Пособиец, застана во одбрана на американскиот претседател, велејќи дека сите се шегувале за претстојниот избор на папата цела недела и дека тоа се нарекува чувство за хумор.
Минатата недела, Трамп се пошегува во изјава за новинарите дека би сакал да биде папа.