Силјановска Давкова е поборник на пропорционалниот изборен модел, но се залага за уставно решение за формирање малцинска влада или за т.н. бонус мандати. Во поткастот на Плусинфо, претседателката кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ промовира повеќе нови идеи за уставна реформа, а зборува и за многу други прашања кои доминираат во кампањата.
„Нам ни треба нов, современ, европски устав, со стандардни решенија, унитарна држава која не познава територијални решенија. Не велам дека не треба да имаме одредби за заштита на правата на малцинските заедници. Напротив, јас го сметам тоа за добро решение. Тоа е она различното што ќе го додадеме ние во вредностите на ЕУ. Но, јас сум за граѓанска држава со почитување на правата на заедниците“.
Ова го вели Гордана Силјановска Давкова, претседателска кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, во последното од серијата интервјуи со претседателските кандидати во поткастот на Плусинфо.
Моето искуство во парламентот во овие четири години го сметам за драгоцено, тврдам дека повеќе научив таму за „македонската парламентарна демократија“ одошто читајќи многу книги. Убаво велат Британците дека парламентот е школа на демократијата. Ама јас, кога влегов во парламентов, видов дека големи проблеми имаме со „школава“. Далеку е тоа од школа на демократија. Но, научив што е она што мора да се смени, што е она што недостасува. Ученичка станав таму, не бев само професорка. И во поглед на процедурата како гаранција за добра одлука, но и во поглед на бизарно нарушената рамнотежа на односи меѓу законодавната и извршната власт. Секаде во светот извршната власт, егзекутивата, доминира, но во нашиот случај тоа е доведено до степен на тотална испревртеност – вели Силјановска Давкова.
Парламентарните избори кај нас ги распишува претседателот на Собранието, а не претседателот на државата. Такво решение нема никаде. Од проста причина – различни им се мандатите. Ако е распуштено Собранието, како нелегитимен претседател на парламентот ќе распишува избори, аргументира таа.
Силјановска Давкова е поборник на пропорционалниот изборен модел, но се залага за уставно решение за формирање малцинска влада или за т.н. бонус мандати.
– Зошто е ова важно?, Во пропорционален изборен систем, поголеми се шансите помалите партии да влезат во парламентот. Репрезентативноста е поголема, но не и стабилноста. Јас сум за пропорционален систем, но колку повеќе партнери имате во коалицијата, толку е поголема опасност за невидлива одговорност и неконзистентно поставување, уцени, кризи и слично.
Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ се залага и за темелни промени на Уставот, во делот кој ги дефинира слободи и права на граѓаните.
– Првенствено, треба да се каже дека станува збор за слободи и права на човекот. Би сакала тука да внесеме значајни промени. Во поглед на посебна заштита на правата на децата, на пример. Или, во поглед на заштита на природата. Овој дел треба да се препрочита и да се осовремени – вели таа.
Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ бара и многу поголеми надлежности на уставното судство.
– Има големи, демократски држави, во кои уставниот суд го има последниот збор за изборните нерегуларности, на пример. Уставните судови ги оценуваат и меѓународните договори. Ние немаме ни закон за Уставниот суд. Нам ни треба уставен суд како германскиот, кој ќе ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот. Нашиот Уставен суд тука е тотално неактивен – вели таа и додава дека Уставниот суд треба да биде надлежен и за автентично толкување на законите, што е препорака на Венецијанската комисија.
Што се однесува до прашањето на уставните промени за внесување на Бугарите во Уставот, Силјановска Давкова го анализира принципот на автохтоноста на Бугарите во Македонија, врз основа на искуствата на уставите на Хрватска и на Словенија. За конкретниот предлог, професорката коментира:
– Мазохизам е кога дека некој вели „не постоите“, а вие да се повинувате на тоа. Каква е тогаш логиката на членот 8 од Договор за ЕУ, кој вели дека ќе поттикнува односи меѓу соседите врз реципрочна основа? Има различни начини да се реши ова прашање. Низ интерпретација на спорните теми, на пример. Има историски комисии, нека разговараат. Но, ако ЕУ вели дека во нејзините темелни вредности и принципи е почитување на националниот и на културниот идентитет, тогаш негирањето не смее да биде основ за вето. Ве молам, има суд во Луксембург кој ги штити уставните одредби ЕУ. И сега, велат, леле, ова било нормативен илузионизам?! Па не е така! Битката е нормата да се спроведува во пракса. За реализам зборуваме тука. Зборот ми е, ете, баравме одложено дејство на уставните промени, бидејќи неколку пати го внесоа во нашиот устав одложеното дејство, од првите уставни измени до амандманите за примена на Преспанскиот договор. Но, ништо не се прифаќа. Тогаш значи дека имаме проблем со фундаменталните вредности и принципи на ЕУ.
Во поткастот за Плусинфо, Гордана Силјановска Давкова зборува и за прашањето на правото, правдата и уставниот институт аболиција, што е уставна надлежност на шефот на државата.
Исто така, Силјановска Давкова и новинарот Бранко Героски разговараат и за потенцијалната опасност од меѓуетничка и безбедносна криза.
Претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ги повикува граѓаните на 24 април и на 8 мај масовно да го искористат своето избирачко право и да гласаат за толку потребните промени во македонската политика.