Горјан Петревски освои Оскар за најдобар писател за деца и млади: Признание на кое не се останува рамнодушен

Изминатава сабота во Центарот за култура во село Ростуше, Општина Маврово и Ростуше се одржа Манифестацијата ,,Жуборења од Радика 2023″. Организатор на настанот беше Здружението за афирмација и развој на реканскиот крај – Рекански порои.

На настанот учествуваа ученици и наставници од повеќе градови во Македонија. Здружението приреди и богата културно – забавна програма составена од неколку музички точки и рецитации.

Од литературните творби од учениците објавена е заедничка стихозбирка ,,Жуборењ од Радика 2023″. Доделени беа и наградите за освоените места.

Сепек, највпечатлив дел од сето тоа беше моментот кога од страна на Здружението, на Горјан Петревски му беше врачена наградта ,,Оскар за најдобар писател”. Горјан не беше во можност да присуствува на настанот но, не остана рамнодушен и се огласи со фејсбук статус.

Во продолжение ви го пренесуваме неговиот фејсбук статус:

„Оскар“ од „Жуборења од Радика“ 2023
ГОСПОД СО ВАС, ДОБРИ МОИ ЛУЃЕ!

…Ние, во нашава Македонија, го немаме Холивуд, но, имаме опеан реон дури и во „Сердарот“ од Григор Прличев, Златен венцоносец од Охрид. Бог ни ја дари питомата Горна и Долна Река, со убав народ во бисер – села околнаокол, меѓу бреговите на „светата вода“ – Радика, со прочуено Светилиште какво што ни е Манастирот „Свети Јован Бигорски“. А и ВАШИОВ Горјан, (каква чест!), од вчера го има и Првиот „ОСКАР“, писателски, а не филмски, се разбира, и тоа од Средбите „Жуборења од Радика“ 2023. Ќе ми беше честа уште поголема ако ми беше врачен на самиот настан во Ростуше, но…. Таму се беше упатил и мојот пријател и колега по вокација, но и по брсјачки ген, професорот/македонист Влатко Стојковски, за да ја пренесе беспрекорно мојата благодарност и порака пред народот и гостите – учесници, дојдени од секаде на нашава Македонија. Поракава, (иако моја!), ќе ја означам и одделам од овој текст, со наводници:

„…Денес, (25.. 11. 2023), во предзимски ден од раскошна есен, (од оправдани причини!), не сум во живописието на Општина Маврово и Ростуше, која ја води Градоначалникот Медат Куртовски со својот тим, но, пак сум со ВАС. Ја чувствувам и ја сакам Горна и Долна Река со Радика и со својот питом народ. Тоа го правам и преку ОУ „Јосип Броз Тито“ во убавата Жировница, во која некогаш „пееше и плачеше“ и никогаш не ја напушти, мојот пријател, Големиот човек и поет, лирикот Саме Лимани Жерновски. Овој колектив денес, како прв човек/директор, (во животот ништо не е случајно!), го раководи неговиот внук од сестра, Анес Ахмети. А како македонист во училиште со истакнати наставници, на голема врата, се пројави и младиот професор, Рамазан Раманоски, од Горно Косоврасти, кој заедно со разбирањето на другите колеги во средината во која работи, ги покрена и овие наши „Жуборења од Радика“, кои, се одржуваат по третпат годинава. Манифестација која ги сплотува децата, тинејџерите и наставниците од многу места и градови на земјава. Топло ќе ВЕ поздравам, но и ќе ВИ се заблагодарам на вниманието кое го искажувате кон мене и со кое сум удостоен со едно вакво ГОЛЕМО и одговорно ПРИЗНАНИЕ, именувано како ОСКАР за најдобар писател, на кое не се останува рамнодушен. Сепак, најсреќен ќе бидам ако, заедно со сите ВАС, ме чувствувате како ВАШ пријател, онолку колку што е голема и искрена и мојата љубов кон ВАС!“

…Било прочитано, било поздравено во предзимски ден, со првиот снег, кој го отежна враќањето на гостите, но, некои нешта така се случуваат, можеби, само за да не се заборават. А и нема. Ќе остане, сепак, она што било убаво.
Господ со ВАС, добри мои луѓе!