Ситуацијата во Руската Федерација е делумно смирена по обидот за државен удар на групата Вагнер во саботата на 24. јуни, а руските медиуми тврдат дека властите му ги вратиле запленетите пари на Вагнер за време на рациите додека се одвиваше пучот, додека Daily Mail сега објави дека Алина Кабаева (40 г.), наводната љубовница на рускиот претседател Владимир Путин, ја презема медиумската компанија Patriot, која до неодамна беше во сопственост на Евгениј Пригожин, лидерот на Вагнер.
За потсетување, Алина Кабаева е ритмичка гимнастичарка која освои златен олимписки медал за Русија.
Се верува дека таа е мајка на три деца на Владимир Путин, а претходно беше означена како „некрунисана кралица“. Таа моментално ја извршува функцијата претседател на Националната медиумска групација и сега наводно би можела да го преземе главното место во медиумската компанија Patriot, која беше под контрола на лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин.
Patriot Media, чиј најистакнат дел беше информативната веб-страница Ria Fan, беше силно националистичка, заговарајќи про-Кремљ уредувачка линија, истовремено обезбедувајќи позитивно покривање на Евгениј Пригожин и неговата група Вагнер, објави медиумската агенција Reuters минатата недела. Сега се појавија извештаи во кои се наведува дека Patriot Media наводно може да биде продаден на Националната медиумска групација.
Неколку истакнати независни руски весници во петокот објавија дека Државната служба за следење на комуникациите Роскомнадзор блокирала медиуми поврзани со Евгениј Пригожин, без дополнително објаснување. Руските медиуми објавија и дека „фабриката за тролови“, која, наводно, ја користел Евгениј Пригожин за да влијае на јавното мислење во странски земји, вклучително и во Соединетите Американски Држави, е распуштена.