Челзи е фудбалски клуб составен од фантастични фудбалери со различни афинитети и занимавања надовр од теренот, но оваа сезона на „Сините“ од Лондон не им оди баш најдобро.
По заминувањето на поранешниот руски сопственик, олигархот Роман Абрамовиќ, Челзи не може да се прегрупира. Новиот сопственик Американецот Тод Боли вложи повеќе од 600.000.000 евра во играчкиот кадар, но немаше резултати.
Еден од ретките кој игра на врвно ниво е Каи Хаверц (24 г.). Германецот пред две години постигна култен статус меѓу навивачите на Челзи. Тогаш Челзи и Манчестер Сити го одиграа финалето од Лигата на шампионите во Порто, а Каи Хаверц го постигна решавачкиот гол, за втората титула на клубот од Лондон во најелитното натпреварување на УЕФА.
Во големото интервју за весникот The Guardian тој зборуваше за фудбалот, но најголемо внимание привлече неговото хоби. Каи Хаверц е голем љубител на животни, а најмногу сака кучиња и магариња.
Откри дека во соблекувалната на Челзи колегите не го викаат со неговото име, туку со прекарот кој гласи – „магаре“.
„Некои соиграчи ме нарекуваат ‘магаре’, но тоа не е поради фудбалот. Од првиот ден почувствував посебен однос кон магарињата. Тоа е многу мирно животно и веројатно сум во роднинска врска со нив бидејќи и јас сум тивок и повлечен по природа“, изјавил Хаверц.
Љубовта кон магарињата започнала уште кога бил дете. Како момче му дале голема плишана играчка со магаре. Неговиот татко Ралф, кој е полицаец, и мајка му, Ана, која по професија е адвокат, уште од мали нозе го научиле него, неговите двајца постари браќа и сестрата, да ги сака животните.
„По цел ден одмараат, не работат многу и само сакаат да си го живеат животот. Отсекогаш сум ги сакал. Кога губам натпревар, одам кај нив. Го гледаш тоа животно и гледаш нешто човечко во него. За мене тоа е еден вид закрепнување, место каде што почувствував вистински мир“, објаснил Германецот.
Каи Хаверц има магариња во Мариадорф, село во близина на неговиот роден град Ахен, во германската покраина Северна Рајна-Вестфалија. Кога имал 18 години, родителите му дале три магариња и оттогаш тој се грижи за нив.
Каи Хаверц е во врска со познатата германска манекенка Софија Вебер, со која се заедно од 2018 година, а како што вели тој во интервјуто таа му помага и се грижи за магарињата.