Додека власта уверува дека се истражуваaт многу индиции и сомнежи за нелегални дејства на функционери, а премиерот Христијан Мицкоски бара трпение за испорака на поголеми резултати на овој план, досега епилогот од најавите за борба против криминалот и корупцијата кај високопрофилирани лица се сведува на неколку кривични пријави, две признанија, едно обвинение…
За време на овие стотина дена по промената на власта, се уште не се остварени амбициозните предизборни најави за одговорност на поранешни високи функционери обвинувани за „епски криминал“, меѓутоа веќе се поднесени неколку кривични пријави за злоупотреба на службена положба и овластување, со кои се опфатени поранешни и сегашни јавни функционери што доаѓаат од редовите на разни опозициски партии. За кои лица станува збор?
Меѓу првите, кривична пријава заработи поранешниот министер за економија од ДУИ, Крешник Бектеши, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „попречување на правдата“. Всушност, тој се товари од причина што преку мобилна апликација му испратил порака на полициски началник во СВР Охрид, во која коментирал преземање на законски полициски мерки и истражни дејствија.
-На 7 мај во својство на координатор на Европскиот фронт во ИЕ 5 добив информација од штабот во Охрид дека на денот на изборниот молк бил проверен шефот на штабот и членовите на штабот од страна на СВР-Охрид, што е директна интервенција во изборниот процес – реагираше Бектеши, кој информираше дека му ја испратил следнава порака до началникот: „Секоја Ви чест. Јаки сте. Срамота треба да Ви е што се занимавате со млади луѓе“.
Додека од ВМРО ДПМНЕ сметаат дека добро е што Бектеши признал дека правел притисок и повикаа обвинителстсвото и судството да постапат, од ДУИ оценија дека се работи за политички мотивиран лов на вештерки. Случајно или не, во истиот период беше поднесена кривична пријава и во врска со непочитување на концесиски договор, кој се доделува токму преку ресорот со кој раководеше Бектеши. Меѓутоа, тој не е опфатен со тој случај.
Како што соопшти МВР, поднело кривични пријави против 9 лица, од кои двајца биле директори на кичевска фирма, која копала варовник кај Зајас, ама не уплаќала пари согласно концесискиот договор, со што направиле штета од околу 27.000 евра на буџетот. Како што објавија дел од партиите, двајцата директори се браќата Бесијан Ахмети и Дрин Ахмети, внуци на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Од нив, Дрин стана попознат за пошироката јавност, благодарение на влезот во сопственичката структура на „Соравија“.
Покрај Бектеши, кој е поранешен функционер, кривични пријави заработија и неколку актуелни јавни функционери од опозицијата. Еден од нив е пратеникот од СДСМ Борче Цветков, кој доби кривична пријава за „злоупотреба на службена положба и овластување“, бидејќи, според МВР, додека бил директор на затворот во Струмица им се заканувал на полицајци и им наредувал да ослободуваат осудени лица, иако не смееле да го напуштат затворот.
„Пријавениот, во својство на поранешен вршител на должноста директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица, во текот на 2021, 2022 и 2023 година на затворските полицајци им наредувал и им се заканувал, надвор од законските прописи, да ги ослободуваат од затвор осудените лица Л.К., Ѓ.В. и Г.Т.. Имено, тројцата осуденици користеле погодности кои не ги следувале и не биле присутни во Затвор Струмица и по еден месец, а во евидентната книга, по наредба од пријавениот, било заведувано дека осудените лица биле присутни во затворот“, соопштија од МВР.
Наспроти тоа, Цветков ги негираше обвинувањата, потенцирајќи дека никој не го известил дека недостигаат затвореници во затворот. Одговорно тврдам, порача тој, дека оваа постапка е само со една цел, а тоа е политичко прогонство познато од минатото. Притоа, порача дека нема да дозволи од неправда да направат, како што вели, фингирана правда.
„Како што вие дознавте, така и јас преку медиумите дознав дека против мене има кривична пријава, за наводно злоупотреба на службена положба. Ова веднаш го демантирам и со сиот мој интегритет како личност, такво дело ниту сум сторил, ниту пак сум принудил некој истото да го стори. Ваквите начини на заплашување и притисоци, за дигање на рејтинг, по слободниот пад во 100 дена Влада, нема да поминат. Вистината е како шило, кога тогаш излегува на виделина“, реагираше тој.
Исто така, кривична пријава доби уште еден негов колега од СДСМ и воедно актуелен функционер. Како што објавија дел од медиумите, се работи за градоначалникот на Богданци Блаже Шапов, кој, според соопштението на МВР, кривично ќе одговара за „злоупотреба на службената положба“ оти наводно го оштетил буџетот на општината.
„Пријавениот, во својство на градоначалник на една општина, во периодот од 02.03.2021 година до 23.09.2021 година, ги пречекорил границите на своето службено постапување на начин што постапил спротивно на член III од Годишната програма за изградба, реконструкција, одржување и заштита на локални патишта во општината за 2021 година. Со средства од буџетот на општината пријавениот извршил изградба на крак од улица, која не била дел од годишната програма за изградба, реконструкција и одржување на локални патишта во општината“, истакна МВР.
Во врска со Шапов, СВР Струмица претходно поднесе уште една кривична пријава против него и вработена во Одделение за урбанизам при Општина Богданци. Како што своевремено информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, првопријавениот во својство на градоначалник на Општина Богданци, во периодот од 17.05.2021 до 15.06.2021 година, по претходно спроведена јавна набавка и договор склучен со економски оператор, извршил поставување на бехатон на парцела во приватна сопственост.
–Тоа го направил без да се спроведе постапка за експропријација, на начин што свесно оваа парцела ја прикажал како дел од ул. Крсте Мисирков во Богданци, бидејќи за истата нема и не може да има соодветна дозвола за градба и на тој начин спротивно на ДУП на Општина Богданци, спротивно на Закон за експропријација и без соодветна дозвола за градење, со буџетски средства бесправно е изградена приватна КП 9458 КО Богданци, во корист на нејзините сопственици, а на штета на буџетот на општината – информираше Тошковски.
Деновиве, кривична пријава заработи уште еден актуелен градоначалник. Тоа е градоначалникот на Карпош и лидер на опозициската ГРОМ Стевчо Јакимовски, за кого Одделот за криминалистичка полиција-Сектор за економски криминал и корупција, во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава, со која се опфатени уште 5 лица вработени во Секторот за урбанизам, како и едно правно лице.
„По поднесено барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од страна на пријавеното правно лице, пријавените 5 вработени во општината излегле на местото, бил изготвен записник за увид на место, во кој спротивно на Законот за градење и Законот за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, констатирале дека наводно објектите за спорт и рекреација-тениски игралишта ги исполнуваат условите за нивна легализација, иако таков вид на објекти се времени објекти и не можат да бидат предмет на легализација“, соошти полицијата.
Од друга страна, пак, Јакимовски реагираше дека кривичната пријава претставува политички притисок врз него како градоначалник. Според него, цела постапка за легализација е законска, а како што вели, со оваа кривична пријава на МВР треба да се објаснува дека „воздухот е безбоен“. Патем, откри дека се работи за спортски терени во „Александар Палас“ кои „Фершпед“ ги користи 30 години.
–Важно е дека законот вели „се легализира се она за што се издава одобрение за градба“. Спортските терени на Александар Палас имаат одобрение за градба уште од 1999 година од Влада на ВМРО-ДПМНЕ и истите се изградени по таа скица и за тоа се платени комуналии. Тоа што друго е важно, е што овие објекти се сопственост на Александар Палас, но во тој период не биле запишани во Катастар, па се воделе како „сопственост со незапишани права“.
Бидејќи дозволата им била истечена, во 2016 година одлучиле да ги впишат во Катастар користејќи го Законот за легализација и покренале постапка за негова легализација. За легализацијата општината му наплаќа по втор пат комуналии, сега 170.000 евра. Важно е да се знае дека земјиштето не е државно, туку е дадено на користење на Фершпед од страна на државата со надоместок. Повторно тоа го направила влада на ВМРО-ДПМНЕ – вели Јакимовски.
Освен нив, во овој период кривична пријава доби и поранешната директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, поради тоа што ја оштетила установата за 10.600 евра преку незаконска исплата на средства на 17 лица. За разлика од претходните случаи, оваа пријава резултираше со обвинение пред суд. Претходно, (условна) затворски казни добија врховниот судија Наке Георгиев и Иџет Мемети од Совет за јавни обвинители, откако двајцата го признаа делото „наградата за противзаконско влијание“.
Засега, овие лица од редот на поранешни или сегашни функционери се процесурирани и горе-долу дотука се сведуваат конкретните резултати во борбата со криминал и корупција кај високопрофилирани кадри. Меѓутоа, премиерот Христијан Мицкоски побара трпение и порача дека ќе одговараат сите за кои има докази за незаконски постапувања. Како што рече тој на Канал 5, многу случаи се работат и правдата апсолутно ќе дојде. Сепак, посочи дека во интерес на истрагата нема да открива детали.
–Има многу случаи, еве еден по еден полека излегуваат. Ќе има и такви чии што престапи ќе застарат, тоа мора да ја предупредиме јавноста и тоа го зборувавме кога се носеше новиот Кривичен законик. Ќе има и такви кои ќе се спасат, но ќе има и многу коишто ќе одговараат и не може да се спасат зашто делата не им застареле. Во овие 100 дена има озбилни скандали и озбилни дела каде што нема политички реваншизам, туку се се темели на докази – рече Мицкоски, кој на прашањето за РЕК Битола, Лотарија и други сфери каде обвинуваше за криминал рече: „Бидете трпеливи“.