– По француската министерка за спорт Амели Одеа-Кастера, градоначалничката на Париз, Ан Идалго, пливаше во реката Сена, симболично демонстрирајќи го подобрениот квалитет на водата во реката пред Олимписките игри.
Идалго, на која ѝ се придружи и претседателот на Организациониот одбор на Олимпијадата во Париз, Тони Естанге, пливаше во центарот на француската престолнина.
Ова означи еден вид пресвртница бидејќи пливањето во Сена беше забрането во поголем дел од минатиот век поради загадувањето.
Настанот имаше цел да покаже дека сега Сена е чиста и подготвена за претстојните Олимписки игри што започнуваат следната недела.
Непосредно пред капењето, од реката се извадени два велосипеда и електричен скутер, што укажува на тековните напори за чистење, јави локалниот канал БФМТВ.
Квалитетот на водата во Сена беше тема на интензивна дебата во последните месеци, имајќи предвид дека во реката ќе се одржуваат олимписки натпревари.
Во вторникот невладината организација Сурфридер, која се фокусира на заштита на океаните и водите, потврди дека Сена е безбедна за пливање врз основа на најновите резултати од примероците на вода. Ова е значително подобрување во однос на нивното предупредување во април за алармантното загадување на водата во реката.
И француската министерка за спорт Амели Оудеа-Кастера, исто така, пливаше во Сена на 13 јули, дополнително нагласувајќи ги напорите да се обезбеди соодветност на реката за Олимпијадата. И францускиот претседател Емануел Макрон неодамна најави дека ќе плива во Сена, но сè уште не го направил тоа.