Актуелните состојби на зелените пазари беа главна тема на дискусија на денешната средба која се реализираше во просториите на Општина Штип. Претставници од повеќе градови на Градските пазари и од Стопанската комора на Северна Македонија разговараа за подобрување на условите на зелените пазари во регионот, како и воведување новитети. Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора на Северна Македонија вели акцент се стави на искористувањето на покривите за производство на електрична енергија.
-Морам да ви кажам дека многу од зелените пазари во изминатиот период имаа инфраструктурно инвестирање, дали станува збор за покриви, одводна канализација, уредување на тезгите, хигиена и отпад. Актуелно е како е да се искористат покривите и да се произведува електрична енергија оти ова станува сè поактуелно со електричната криза, вели Михајловска – Василевска.
Посочи дека најголем проблем со кој се соочуваат зелените пазари е хигиената и отпадот, а искуствата покажуваат дека има простор за да се реагира и да се работи на оваа проблематика. Во низата точки на кои треба да се работи е и сивата економија односно нелојалната конкуренција која е доста честа појава околу пазарите.
-Со обезбедување на комунална инфраструктура одржувањето на пазарите исто така може да биде значително подобрено, но сериозен проблем на зелените пазари е и сивата економија и нелојалната конкуренција која се јавува околу зелените пазари, бидејќи мора да кажеме дека закупците на тезги што се внатре во пазарите, тоа се или физички лица или компании кои плаќаат данок. Согласно Законот не може да биде закупец на тезга некој што не е регистриран даночен обврзник, додава Михајловска – Василевска.
Забележа дека Градските пазари се доста атрактивни во нашата земја и честопати се посетувани од страна на туристите и токму затоа многу важно е да води грижа за хигиената, одржувањето инфраструктурно подобрување на условите на зелените пазари во регионот.