Градот Скопје информира дека ќе распише нов повик за вклучување на приватните автобуски превозници во јавниот превоз во главниот град, но нагласува дека „Слобода Превоз“ и „Макекспрес“ нема да може да учествуваат на него поради пречките кои произлегуваат од раскинатиот договор кој забранува учество на јавен повик доколку договорот биде раскине пред истекот и по нивна вина.
– Јавниот повик ќе ги содржи условите за аплицирање, како и во претходните два јавни повици, со тоа што ќе може да аплицира секој превозник кој планира чесно и одговорно да се држи до договорот за јавен превоз, посочуваат од Град Скопје.
Во соопштението се напоменува дека Градот нема никаков долг кон превозниците, а дека договорните одредби предвидуваат единствено услови за вршење превоз на територија на Скопје.
Од друга страна, во врска со долгот на ЈСП „Скопје“ кон приватните превозници, од Градот посочуваат дека средствата ќе бидат исплатени согласно потпишаните договори, додека трае јавниот повик за нови договори за јавен превоз.
– Со задоволство може да констатираме дека Градот Скопје конечно воведува ред во јавниот превоз на патници, согласно сите стандарди, при што новото координативно тело на превозниците покажа желба за соработка и прилагодување согласно стандардите со цел граѓаните да добијат квалитетен јавен превоз, се додава во соопштението.