“ГРАЃАНИТЕ НЕМА ДА ПЛАЌААТ ДОПОЛНИТЕЛНИ ТРОШОЦИ!“ – Владата донесе одлука: “Налепници со ознаката ‘НМК’ наместо нови регистарски таблички“

Налепници со ознаката „НМК“ наместо нови регистарски таблички, за заштита на граѓаните од финансиски трошоци и вадење нова документација, одлучи Владата на денешната седница.

Со ставањето налепница на регистарските таблици, според информацијата од МВР, во целост се почитува обврската за ознаката на новиот код на Република Северна Македонија на регистарските таблици на возилата, од една страна, а од друга страна, финансиските трошоци за ова решение се речиси неспоредливи со износот потребен за замена со нови регистарски таблици.

Налепници ќе треба да стават возила кои имаат таблици со „МК“ ознака, со што ќе се избегнат дополнителни финансиски трошоци, за издавање повеќе нови документи/лиценци/сертификати, коишто се поврзани со бројот на регистарската таблица.

Поставувањето налепници со ознака „НМК“ на регистарските таблици, според образложението од МВР, ќе биде олеснување и за транспортерите кои патуваат во Европската Унија. На овој начин тие имаат можност, на траспортните возила да ги задржат постоечките таблици, со што ќе бидат заштитени од потребата за промени во целокупната документација во државите членки на ЕУ.  

По ова, МВР во најскоро време ќе изготви измена на постојниот Правилник за формата и содржината на образецот на барањето за издавање на пробните таблици, формата и содржината на регистарските таблици и на пробните таблици на возилата, како и начинот и постапката на нивно издавање и граѓаните ќе може со минимални трошоци да ја завршат и оваа граѓанска обврска“, напиша министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на Фејсбук поздравувајќи ја одлуката на Владата.

МакедонијаМВР