Гренланд соопшти дека е подготвен да соработува со Трамп

– Премиерот на Гренланд изјави дека земјата е подготвена за зголемена соработка со Соединетите Американски Држави (САД) под раководство на новоизбраниот претседател Доналд Трамп, објави локалниот радиодифузер КНР.

„Вратите се отворени во однос на рударството. Тоа ќе остане така и наредните години. Мора да тргуваме со САД,“ изјави Муте Б. Егеде.

„Започнавме дијалог и бараме можности за соработка со Трамп“, додаде тој.

Егеде призна дека наредните години многу земји ќе се обидат да воспостават односи со Гренланд поради неговата важна геостратегиска позиција.

„Важно е да нема воен конфликт. Беше загрижувачки кога првпат го слушнавме тоа. Но вчера потпретседателот изјави дека нема интерес за употреба на оружје“, рече Егеде, алудирајќи на американскиот потпретседател Џ. Д. Ванс, кој ја исклучи можноста за воена интервенција и ја нагласи стратегиската важност и богатите ресурси на Гренланд во интервјуто за „Фокс њуз“ во неделата.

„Гренланд има централна позиција на Арктикот, а големите сили, како САД, Русија и Кина, ќе се обидат да зграбат влијание“, додаде Егеде.

Тој повика на поширока соработка во услови на глобални тензии.

„Гренланд не е целосно ослободен од тензиите што постојат во светот. Во моментов Гренланд стои помеѓу две големи арктички земји. Тоа може да го гледаме како закана, но и како можност за поширока соработка“, истакна Егеде.

Неодамна Данска предложи Трамп да ја зголеми безбедноста на Гренланд, вклучително и поголемо американско воено присуство на островот, во приватните пораки до неговиот тим, објави американскиот портал Аксиос во саботата.

Данската Влада сака да го одврати Трамп од идејата за преземање на островот преку решавање на неговите безбедносни грижи, обидувајќи се да избегне политички конфликт со САД, се наведува во веста.

Данската премиерка Мете Фредериксен во петокот изјави дека бара разговори со Трамп во врска со неговите коментари за Гренланд, додавајќи дека не верува оти новоизбраниот претседател би се обидел сосила да го преземе арктичкиот остров.

Гренланд, најголем остров во светот, е автономна територија на Данска од 1979 година. Островот, кој се наоѓа помеѓу Арктичкиот и Атлантскиот Океан, е дом на американска воена база и има стратегиско значење бидејќи тоа е најкраток пат од Северна Америка до Европа.