– Доброто владеење е клучно за градење на довербата меѓу граѓаните и нивните институции, но и за односите меѓу државите. А пред сѐ, за постигнување одржлив социо-економски развој, од кој ќе имаат полза сите граѓани од овие простори, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, при промовирањето на регионалниот Форум на жени-лидери за добро владеење и антикорупција.
– Со воспоставувањето на овој Форум, на оваа нова регионална мрежа, сакаме да ги истакнеме вредностите и придобивките од соработката и солидарноста на жените, но истовремено да пратиме порака дека сме отворени за сојузништва со сите кои се залагаат за почитување на принципите на доброто владеење, рече Грковска.
Преку овој Форум, како што истакна вицепремиерката Грковска, со размена на добри практики, совети, човечка и професионална поддршка, ќе си излеземе во пресрет едни на други.
– Да се вмрежуваме преку заедничките заложби за поголема отвореност, цврст интегритет и етика, рече таа.
Настанот за промоција на Форум на жени лидери од Југоисточна Европа за добро владеење и антикорупција е инициран од вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, и поддржан од ОН Жени, РАИ и УНОДЦ.
Воведни обраќања на форумот, покрај вицепрмеиерката, ќе имаат и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Марија Шмид, амбасадорката на САД во Северна Македонија, Анџела Агелер, Весна Ивановиќ, раководителката на програмската канцеларија на ОН Жени, Десислава Гоцкова, шефица на Секретаријатот на Регионалната иницијатива против корупцијата (РАИ) и Џенифер Сарвари Бредфорд, експерт за спречување криминал и кривична правда од Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ).
По воведните обраќања ќе се одржат две панел дискусии наловени „Како женското лидерство може позитивно да влијае на доброто владеење и демократскиот развој во регионот?“ и „Жените во граѓанското општество и истражувачкото новинарство – клучна алка во градењето на подобро општество за сите“.