Заменик Премиерката одговорна за политика на добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа координативен состанок со претставници на сите државни инспекторати, на кој учествуваше и претседавачот на Инспекцискиот совет Даниела Рендевска.
Како што информираат од Владата, на средбата се разговарало за динамиката на дигитализација на инспекциската постапка Е-инспектор, преку која очигледно се избегнува субјективниот фактор, а се намалуваат и ризиците од корупција во инспекциските контроли.
Заменик Премиерката Грковска истакна дека е многу важно инспекторатите кои се уште не ја дигитализирале инспекциската постапка да ги направат сите неопходни подготовки за одржување на воспоставената динамика.
Најголема пречка во секојдневната работа на инспекторатите беше неусогласеноста на одредени материјални закони врз основа на кои функционираат инспекциските служби со Законот за инспекциски надзор, од кои дел веќе подолго време се во собраниска процедура.
Грковска ја истакна важноста од зголемување на транспарентноста на инспекциските служби во насока на зајакнување на интегритетот на инспекторите, но и како начин за зголемување на нивната безбедност при извршувањето на нивните работни обврски.
Со цел дополнително да се подобри отвореноста на овие услуги преку објавување на записниците од извршените надзори, одлучено е да се консултира со Агенцијата за заштита на личните податоци за да се утврди соодветната форма која ќе овозможи унапредување на транспарентноста, а притоа да не биде спротивно на прописот за заштита на личните податоци.
Директорите на државните инспекторати разговараа и за потребата од зголемување на координацијата меѓу инспекторите и Инспекцискиот совет, со цел да се зголеми ефикасноста, но и квалитетот на работата на инспекторите.