Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска вели дека луѓето кои се на црната листа во САД не треба да бидат на јавни функции или кандидати за јавни функции. Таа нагласи дека оваа мерка е во насока на зголемување на довербата во институциите.
„Дадов иницијатива, која Владата ја прифати, за промена на законот за рестриктивни мерки, со што ќе се зголеми опсегот на рестриктивните мерки, а ќе се однесува и на организираниот криминал, корупцијата и тероризмот, а се договоривме со координативното тело составено од неколку институции да додадат закани како акции против државата. Координативното тело веќе подготви нацрт-предлог за законот. МНР како матично министерство мора да го подготви и да и предложи на Владата да го разгледа и потоа да влезе во собраниска процедура“, рече Грковска.
На овој начин, како што појасни, се олеснува процесот за оние лица кои САД ќе ги стават на списокот со санкции, за да бидат обработени во законодавството за РСМ.
„Го додаваме и Обединетото Кралство, кое досега беше вклучено во санкциите воведени од ЕУ. Но, бидејќи веќе не е членка на ЕУ, сметавме дека треба да се додаде. Сметаме и дека треба да има дополнителни последици во смисла дека оние кои се вклучени во листата на санкции не треба да бидат кандидати за јавни функции или да извршуваат јавна функција. Тоа ќе биде мерка насочена кон зголемување на довербата на институциите. Не смееме да дозволиме лицата кои се ставени на списокот за санкции во нашата држава да се однесуваат како ништо да не се случило и не само тие лица, туку и институциите одговорни за борба против корупцијата и организираниот криминал да се однесуваат како да нема индиции“, рече Грковска.
Таа се надева дека со овој чекор системот ќе биде поефикасен и полесен за работа и ќе се зголеми одговорноста на службениците.