Грковска се сретна со градоначалникот на Рим: Северна Македонија и Италија негуваат пријателски односи, продлабочување на економската и културната соработка

– Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска имаше средба со градоначалникот на Рим Роберто Гуалтиери, со кој меѓудругото разговараа и за поднесената кандидатура на Италија, Рим да биде домаќин на светската изложба 2030 (World EXPO 2030),  што се организира под покровителство на Меѓународното биро за експозиции (BIE) со седиште во Париз, соопшти прес-службата на Владата.
 
Грковска ја поздравила кандидатурата на Италија и истакнала дека за Република Северна Македонија е многу важно да биде дел од ваквите меѓународни изложби на кои се промовираат ресурсите и капацитетите што ги поседува државата. Тоа, додала таа, е особено важно за развојот на економијата и прогресот на државата воопшто.

Вицепремиерката Грковска нагласила дека Република Северна Македонија и Италија имаат долгогодишна плодна соработка и се заблагодарила за поддршката што Италија и ја дава на Северна Македонија на нашиот евроинтеграциски пат. Грковска истакнала дека нејзиниот Кабинет воспоставил одлична соработка со италијанската Агенција за спречување на корупцијата АНАК, но и со Луис Универзитетот, каде што во моментов група вработени во државната администрација посетуваат обука за ефикасно управување.

Градоначалникот Гуалтиери на средбата истакнал дека Северна Македонија и Италија и понатаму ќе работат на унапредување и продлабочување на меѓусебните односи, а дополнително ќе следува унапредување на соработката и меѓу Рим и Скопје.