Грковска: Целта на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка е да се зајакнат антикорупциските механизми

Во пресрет на утрешната јавна расправа за предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во интервју за телевизија Сител ја образложи целта на донесување на ова законско решение, кое ќе ги зајакне антикорупциските правни механизми во земјава.

Грковска истакна дека со овој закон ќе се овозможи во граѓанска постапка да се санкционираат лица коишто имаат драстична разлика во она што го заработиле од официјално пријавените приходи и имотот што го поседуваат, во ситуација кога нема доволно елементи за покренување на кривична постапка.

„Целта е, со санкционирањето на вакви лица, да се докаже дека корупцијата е неисплатлива и дека имотот што го стекнале на таков незаконски начин ќе биде одземен во една законска процедура и како што е предвидено со законот, да се врати назад кај граѓаните, да биде даден на социјални категории граѓани”, нагласи таа.

На прашањето дали еден ваков закон може да биде употребуван за политички пресметки, вицепремиерката Грковска истакна дека секој што на чесен начин го стекнал имотот, нема потреба да се грижи ако треба да докаже на каков начин е стекнат тој имот. Во предлог законот има дефинирани предуслови, врз основа на кои треба да се покрене постапка, за Финансиската полиција да започне со процесот, а во ланецот се вклучени низа институции, појасни Грковска и истакна дека овој закон има за улога да ги детектира и санкционира големите криминали.