Во рамките на работната посета на Обединетите Нации во Њујорк, САД, по повод одбележувањето на 30 години од зачленувањето на нашата држава во оваа организација, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, имаше средба со Урмила Шаркар, заменик директорка на Програмата на УНИЦЕФ Генерација без ограничување (Generation Unlimited), соопшти владината прес-служба.
На состанокот, двете соговорнички разговараа за поддршката што секоја држава треба да им ја пружа на младите во нивниот развој и напредок, но и за важноста тие да бидат активни чинители во креирањето на својата и иднината на државата.
Вицепремиерката Грковска се заблагодари за поддршката што УНИЦЕФ и ја дава на нашата држава, особено во креирањето на одржливи и развојни политики.
Таа се осврна на Програмата Генерација без ограничување, која се имплементира од 2019 година, во која тимовите од Северна Македонија и во двата наврати беа избрани меѓу петте глобални победници и изрази уверување дека оваа соработка ќе продолжи и ќе се унапреди.
Грковска информираше за иницијативите што ги презема нејзиниот Кабинет, на локално и на регионално ниво, а кои особено се фокусираат на јакнење на интегритетот кај младите, на давање гласност на нивните идеи и потреби, но и нивно поврзување на регионално ниво со цел да се обезбеди подобра соработка и размена на искуства во однос на надминување на предизвиците со кои се соочуваат, а кои во најголем дел се слични или исти.
Шаркар истакна дека е многу важно да се обезбеди соработка меѓу младите и приватниот сектор, бидејќи само на тој начин ќе се обезбеди поврзување на младите со можностите. Тоа, додаде таа, е главната цел на Програмата Генерација без ограничување.
Двете соговорнички разговараа за потребата преку конкретни активности да се создадат долгорочни и одржливи решенија кои ќе создадат систем во кој младите ќе веруваат, а тоа е можно само доколку сите чинители во општеството, вклучително и приватниот сектор се вклучени во овие процеси.
Вицепремиерката Грковска информираше за кампањата која ја реализира нејзиниот кабинет „Зависи од мене и тебе“, чија главна порака е дека промените зависат од сите нас поединечно, се наведува во соопштението од владината прес-служба.