Груби имал полициско обезбедување, ама не било со него кога избегал

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, денот кога избега за Косово, преку фејсбук статус откри дека тој имал лично полициско обезбедување, кое, според неговите зборови, го известил дека ќе оди во Косово.

-Денеска бев во приватна посета. Ве молам, немојте да измислувате и шпекулирате. Редовно патував со моите патни исправи и за ова е известено и моето лично полициско обезбедување. Веднаш што ги завршам обврските, ќе се вратам дома при моето семејство, напиша Груби пред два дена.

На побаран одговор од МВР дали е точно дека Груби имал полициско обезбедување, бидејќи самиот тврди дека ги известил за неговото патување. Од Министерството за внатрешни работи ни одговорија дека обезбедувањето не било со Груби дента кога заминал.

На Груби му следува полициско обезбедување, но истото не било со него дента на патувањето кон Косово, кусо ни одговорија од МВР.

Груби, пред два дена легално ја напуштил државата на граничниот премин ,,Блаце”, поминувајќи на пасошка контрола, иако требало да биде спречен бидејќи неговото име било ставено на стоп-листа, односно системот алармирал дека лицето треба да се запре и да не му се дозволи да излезе од државата.

Оваа информација ја потврди и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој одговарајќи на новинарско прашање рече дека на граничниот премин имало пропусти.

-Сторени се пропусти од страна на одредени полициски службеници од гранична полиција. За истите се води темелна истрага во моментов. Не би сакал да ја претпоставувам постапката од сегашен аспект, но ве уверувам дека за многу кратко време ќе бидете информирани, лично сметам дека таму не е постапено согласно правила и процедури на МВР и сметам дека е сторена голема грешка во рамки на работењето при вршење на задолжителни прегледи што требало да бидат извршени од излегување од Македонија во Косово на одредени лица, одговори Тошковски.

Министерот, без да спомене име, појасни дека лицето ја дало патната исправа на граничната полиција, таа му била вратена и истиот заминал за Косово.

Останува нејасно дали службеникот воопшто го внел пасошот во системот или, како што неофицијално се шпекулира, системот по краток застој, потребен за проверката, го вклучил алармот во моментот кога пасошот му бил вратен на Груби по што тој заминал.

Тој во Косово замина со албанскиот бизнисмен Арсим Папранику, кој го превезол со неговото возило со дипломатски таблички. На Груби вчера му беше одреден притвор, а веќе е распишана и меѓународна потерница.