Груби се сретна со специјалните претставници на Словенија и Норвешка за Западен Балкан, Франгеш и Бјорнстад

– Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби денеска оствари средба со специјалните претставници на Словенија и Норвешка за Западен Балкан, Анжеј Франгеш и Арне Санес Бјорнстад.

Како што соопшти Министерството, Груби, Франгеш и Бјорнстад разговарале за европската перспектива на земјата, за успешно надминатите предизвици преку Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедство со Бугарија, како и за важноста од одобрување на уставните измени и спроведување на сите потребни реформи за реализација на Евроинтеграциска аспирација на Северна Македонија.

Првиот потпретседател на Владата Груби ги информирал специјалните претставници за Западен Балкан, Франгеш и Бјорнстад за посветеноста на Владата за натамошно зајакнување на развојниот пат на земјата во проевропски дух, за историскиот договор потпишан за изградба на Коридорот 8 и 10Д, кои се од големо значење за зајакнување на економската соработка меѓу земјите од регионот и значат исполнувањето на европскиот стандард на современа инфраструктурна интерконекција меѓу земјите.

Во текот на разговорот со Франгеш и Бјорнстад, Груби побарал поддршка од Република Словенија и Кралството Норвешка во клучните моменти за европската иднина на земјата.

Исто така, специјалните претставници на Словенија и Норвешка за Западен Балкан ги искажале позициите на нивните земји за поддршка на интеграциската аспирација на Северна Македонија во Европската Унија.