,,Грузискиот сон” се претвори во кошмар! Насилство на улиците: Уапсен лидер на опозицијата, жестоки судири меѓу демонстрантите и полицијата, хаос во земјата (ФОТО, ВИДЕО)

Грузиската полиција рано утринава го уапси еден од лидерите на најголемата опозициска партија Коалиција за промени, 
Зураб Јапариџе, откако употреби водени топови и солзавец против учесниците на демонстрациите што четврта ноќ по ред се организираа пред зградата на парламентот во Тбилиси.

Коалицијата за промени соопшти дека Јапариџе бил уапсен додека ги напуштал демонстрациите.

Јапариџе бил однесен од маскирани полицајци во автомобил без ознака, јавува Ројтерс.

Ројтерс јавува дека во земјата со 3,7 милиони жители веќе неколку месеци растат тензиите меѓу владејачката партија Грузиски сон и противниците, кои ја обвинуваат дека води сè поавторитарна, антизападна и проруска политика, пренесува РСЕ.

Грузискиот прозападен претседател Саломе Зурабишвили повика на притисок врз Уставниот суд да ги поништи минатомесечните избори на кои победи Грузискиот сон.

И опозицијата и Зурабишвили тврдат дека изборите биле наместени.

Кризата се продлабочи по најавата во четвртокот дека владата ќе ги замрзне преговорите со ЕУ на четири години, при што илјадници про-ЕУ демонстранти се соочија со полицијата вооружена со солзавец и водени топови.

Протестите беа предизвикани од одлуката на владата да ги прекине преговорите за влез во Европската унија .