Грчките власти денеска испратија засилување за гаснење на големиот пожар кој не стивнува веќе десет дена во реонот на пристанишниот град Александрополис и реката Еврос (Марица) во близина на границата со Турција.
Противпожарната служба соопшти дека се ангажирани 474 пожарникари со 100 возила, седум авиони на автогас и два хеликоптери.
На тие сили им помагаат засилувања од неколку европски земји.
Властите истражуваат што го предизвика пожарот во кој загинаа 20 луѓе, изгореа огромни шуми и домови и поттикна евакуација на илјадници луѓе во текот на изминатата недела.
Пожарот уништи повеќе од 77.000 хектари земја, соопшти во неделата службата за управување со вонредни ситуации на ЕУ, Коперник, што го прави еден од најголемите поединечни пожари што погодиле европска земја досега.
Во неделата, пожарникарите во Грција се справија со 105 шумски пожари, од кои 46 избувнаа за само 24 часа, соопшти противпожарната служба.
– Минатата недела беше објавено дека во текот на летото се уапсени 163 лица поради предизвикување пожари – изјави портпаролот на грчката влада, Павлос Маринакис, додавајќи дека 118 се уапсени поради небрежност, а 24 за намерно палење.
Тој не кажа зошто се уапсени уште 18 лица.
Грција има строги летни прописи за спречување пожари, вклучително и забрана за палење на исушената вегетација и користење скари надвор.
Со растегнувањето на противпожарните сили до крај, Грција побара помош од другите европски земји, а Германија, Шведска, Хрватска и Кипар одговорија и испратија авиони, додека десетици романски, француски, чешки, бугарски, албански, словачки и српски пожарникари помагаат на терен.