Европската унија се соочува со ризик од ненадеен прилив на мигранти кои бегаат од војната меѓу Израел и Хамас, порача во понеделникот грчкиот министер за миграција Димитрис Каиридис, повикувајќи на будност и поголема солидарност меѓу земјите-членки.
„Секогаш постои ризик ако нестабилноста на Блискиот Исток се прошири, особено ако соседните земји како Египет, кој има многу големо население, се вовлечени во неа. Тогаш работите можат да станат многу сериозни“, предупредува Димитрис Каиридис.
„Мораме да бидеме внимателни, ние, како Европа, мораме да бидеме заедно што е можно повеќе. Мораме подобро да ги чуваме границите, да се бориме против криминалните мрежи на шверцери на луѓе и да ги вратиме оние што нема да добијат право на азил“, вели грчкиот министер.
Според него, на европскиот блок му е потребен нов пакт, алудирајќи на договорот меѓу Турција и ЕУ од 2016 година за спречување на приливот на мигранти.
Димитрис Каиридис во понеделникот беше во Анкара, каде што разговараше со турските власти за начините за намалување на бројот на мигранти кои пристигнуваат во неговата земја.
Во време на голема загриженост за безбедносната ситуација поради конфликтот меѓу Израел и Хамас, Димитрис Каиридис посочува дека Грција, по смртоносните исламистички напади во Белгија и Франција, води дискусии во ЕУ за поголем број депортации и враќање на мигранти.
Тој се осврна на случајот со тунискиот џихадист, одговорен за убиството на двајцата Швеѓани минатата недела во Брисел, кој илегално престојувал во Белгија бидејќи му било одбиено барањето за азил. Тој влегол во ЕУ во 2011 година преку италијанскиот остров Лампедуза.
„Овде гледаме неприфатлива ситуација, не е важно дали вашето барање ќе биде одбиено или прифатено, вие сепак останувате во Европа. Ние трошиме тони пари и ресурси за да ги разгледаме овие барања, но на крајот сето тоа се претвора во потсмев“, посочи Димитрис Каиридис и повика на заедничкиот европски механизам за враќање.
„Само обединета Европа може да ги натера земјите од потекло да ги вратат своите граѓани, со стап и морков. Грција не може сама. Белгија не може сама“, заклучи грчкиот министер.