ГРЦИЈА ВЕЌЕ 15 ДЕНА СЕ БОРИ СО ПОЖАРИТЕ – Само претходниот ден регистрирани 44 нови, а најризично е во областа Еврос

Борбата на грчките пожарникари со огнената стихија во областа Еврос, на североистокот на Грција, продолжува веќе 15-ти ден, а состојбата со пожарите е нешто подобра од претходните денови.

Според Противпожарната служба на Грција, во моментов има расфрлани активни огнени стихии во областите Суфли, Корнофолија, Дадија, Котронија, Сидиро и Јанули.

Претходниот ден избувнаа 44 нови пожари, а противпожарните служби изгаснаа 81 пожар низ државата.

Во гаснењето на пожарот се вклучени 582 пожарникари со 129 возила и 16 единици без возила, како и осум авиони и два хеликоптери, јавуваат соседните медиуми.

Помош во гаснењето на пожарот обезбедува Европскиот механизам за цивилна заштита со силите на Франција, Шпанија, Кипар, Романија, Чешка, Бугарија и Словачка, а преку меѓудржавни договори помош пристигна и од Албанија и Србија.

Во гаснењето учествуваат голем број доброволни пожарникари, сили ставени на располагање од грчката полиција и Армија, како и цистерни со вода и механизација од регионот.

Денес ризикот од пожар е сè уште висок во регионите на Атика, Централна Грција, Источна Македонија и Тракија, како и во регионот на Северно Егејско Море, а припадниците на Противпожарната служба и понатаму се во општа готовност.

Грцијапожар