Претседателката на Грција го именуваше Јоанис Сармас, претседател на Ревизорскиот суд, за привремен премиер на оваа земја по состанокот на лидерите на петте главни политички партии.
Претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, денес го именуваше Јоанис Сармас, претседателот на Ревизорскиот суд, за привремен премиер на оваа земја во согласност со Уставот. Ова следува по неуспехот на партијата Нова демократија да формира влада, како партија што освои мнозинство во Парламентот на општите избори, објавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
„Претседателката на Грција го именуваше Сармас по состанокот со лидерите на петте главни политички партии во Парламентот“, објави ERT, јавниот радиодифузен сервис во Грција.
Сармас (65) се заблагодари и рече дека негова уставна обврска и должност како граѓанин на Грција е да ја преземе таа функција.
Сармас е претседател на Ревизорскиот суд од ноември 2019 година и ќе остане привремен премиер до општите избори што се закажани за последната недела во јуни или првата недела од јули.
Нова демократија на изборите во Грција освои 40,79 % од гласовите, двојно повеќе од главната опозициска партија СИРИЗА (Коалиција на радикалната левица) која освои 20,07 %. Трета е партијата ПАСОК со 11,46 %, по која следуваат Комунистичката партија со 7,23 % и крајно десничарската плуралистичка партија Грчко решение со 4,45 %.
Меѓутоа, поранешниот премиер Кирјакос Мицотакис во понеделникот го врати мандатот, наведувајќи дека сака нови избори со цел неговата партија Нова демократија да формира еднопартиска влада.
Вчера Алексис Ципрас, лидерот на СИРИЗА, и Никос Андроулакис, лидерот на социјалдемократската партија ПАСОК ги одбија мандатите, а како причина наведоа дека не е можно формирање коалициска влада.