Грција ќе вложи 24,6 милиони евра во целосна модернизација на граничниот премин Евзони – Богородица, со цел олеснување на движењето на патници и возила и намалување на долгите редици на чекање.
Проектот официјално започна на 12 август 2025 година и е предвидено да заврши до крајот на 2027 година. Планот опфаќа подобрување на патната инфраструктура, модернизирање на капацитетите за пасошка и царинска контрола, како и унапредување на условите за транзит на патници.
Според грчките власти, преку Евзони годишно минуваат околу 2,5 милиони лица, што го прави најфреквентен копнен премин во земјата. Модернизацијата, велат, ќе донесе побрзи и поефикасни процедури за патниците од Македонија и од странство, особено во летните месеци кога метежите на границата знаат да траат со часови.
Покрај олеснувањето на патничкиот сообраќај, очекувањата се дека инвестицијата ќе придонесе и за зајакнување на трговската размена меѓу двете земји. Овој зафат е дел од поширокиот план на грчката влада за обнова и модернизација на сите главни копнени гранични премини.