Грција сака да ѝ продаде на Индија 18 млазни авиони од француско производство „Мираж 2000“ што ги повлекла од употреба во 2022 година, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
„Грчкото воено воздухопловство ја разгледува можната продажба на авионите ловци на Индија, што е сугестија за која се свесни и Министерството за одбрана и Канцеларијата на премиерот“, објави дневниот весник „Катимерини“.
Се додава дека Грција и Индија се подготвени да го финализираат договорот и не ја исклучуваат можноста дека премиерот Кирјакос Мицотакис при идната посета на Њу Делхи би можел да ја спроведе продажбата.
Според вестите што ги објавија локалните медиуми, грчкото воено воздухопловство има мали очекувања за продажната цена на авионите, во најдобар случај неколку милиони евра, бидејќи не се во добра состојба.
„Очекуваме одлуката за продажбата на повлечените Миражи да има повеќе политичка отколку финансиска корист“, се додава во вестите.