– Шумските пожари што беснеат од 19 август во различни делови на Грција, особено во регионот на Александрополис и Еврос, сѐ уште не се ставени под контрола поради силните ветрови.
Огнената стихија на планината Парнита, на околу 50 километри северно од главниот град Атина, веќе се приближи до населените места.
Поради неможност за гаснење од воздух во текот на ноќта, пожарот во подрачјето повторно се прошири поради силниот ветер.
Противпожарните екипи продолжуваат со напорите за гаснење на пожарот од воздух, а од жителите на Тракомакедонес во близина на Парнита е побарано да бидат подготвени за евакуација ако биде потребно.
Многу патишта што водат до подрачјето се затворени за сообраќај.
Десетици населени места се евакуирани, а десетици куќи изгореа во пожарите од 19 август во Грција. Во пожарите уништени се 600 илјади хектари шума, земјоделско земјиште и станбени површини.
Метеоролошкиот завод на Грција објави дека облак од чадот од пожарите стигнал до Малта, Сицилија и Јужна Италија.