– Грчкиот парламент во петокот го усвои контроверзниот амандман за намалување на приливот на мигранти од Либија.
Амандманот, предложен од Министерството за миграции, беше изгласан со поддршка на 177 пратеници од владејачката централно-десничарска партија Нова Демократија, десничарската „Грчко решение“ и неколку независни пратеници.
Од 293 пратеници присутни на гласањето во парламентот, социјал-демократскиот ПАСОК и Демократско патриотско движење „Победа“ (НИКИ), биле воздржани, додека левичарските опозициски партии СИРИЗА, Комунистичката партија на Грција (КПГ), „Пат на Слободата“ и „Нова Левица“ гласаа против амандманот.
Амандманот наложува дека, во текот на три месеци, на оние што пристигнуваат по море од северноафриканските земји без официјална дозвола ќе им биде забрането да поднесуваат барања за азил. Овие лица може да бидат вратени во земјите на потекло или поаѓање, без официјална регистрација.
Владата го оправдува овој потег како израз на суверената власт и уставната обврска да го заштити националниот интегритет.
Меѓутоа, амандманот предизвика сериозна домашна и меѓународна загриженост.
Агенцијата на ОН за бегалци (УНЦХР) објави дека го признава притисокот создаден од приливот на мигранти што пристигнуваат од Либија на Крит и правото на државите да ги контролираат своите граници, но мерките во насока на амандманот треба да бидат во согласност со ЕУ и меѓународното право.
Истакнувајќи дека правото да се побара азил е фундаментално човеково право, дури и за време на миграциски притисок, УНЦХР предупреди дека „враќањето на луѓе на место каде би имале закана по животот или слободата би било во спротивност со принципот невраќање.“
Поранешниот министер за надворешни работи, Евангелос Венизелос, претходно ја истакна можната неуставност на амандманот, критикувајќи ја владината администрација за повикување на член 15 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) за донесување на вонредната мерка.
Доколку владата инсистира на повикување на ЕКЧП, тоа би можело да значи примена на член 48 од Грчкиот Устав, предупреди Венизелос. Член 48 ги дефинира условите под кои претседателот може да прогласи вонредна состојба и поврзани овластувања за вонредни состојби.
Денес, за време на дебатата за амандманот, КПГ го осуди како „срамен амандман“.
Покрај тоа, Зои Константопулу, лидерката на партијата „Пат на Слободата“, амандманот го спореди со авторитарните пристапи на унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот претседател Доналд Трамп.