Писмо со барања, што беа одлучени на состанокот во вторникот, доцна синоќа испратија земјоделците до грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Земјоделците бараат намалување на трошоците за производство преку неколку мерки како што се: намалување на цената на струјата на седум центи за киловатчас, земјоделската нафта да биде ослободена од данок, субвенционирање на средства и добиточна храна и укинување на ДДВ, 100 отсто надомест за загубениот приход од земјоделските производи, преземање мерки и контроли за запирање на праксата производи од други земји да се продаваат како грчки, како и воведување инфраструктурни проекти за заштита на земјата од поплави.
Паралелно, во писмото, пренесени се и барањата на земјоделците од областа Тесалија што беше погодена од катастрофалните поплави во септември минатата година.
На состанокот во вторникот на кој присуствуваа претставници на земјоделците од цела Грција беше одлучено засилување на активностите со симболични блокади на патиштата, автопатите и на граничните премини.
Грчкиот премиер вчера порача дека Владата е отворена за дијалог со земјоделците, но само доколку останат отворени патишта.
Земјоделците најавија дека доколку не бидат исполнети нивните барања и не им биде одобрена средба со Мицотакис, следната седмица, со трактори ќе се упатат кон Атина за да одржат голем протест.