Грчки медиуми: Мицкоски на НАТО-самитот државата ја нарече Македонија

Премиерот на Северна Македонија Христијан Мицкоски, својата земја ја нарече – Македонија, а неговата влада – македонска влада, се вели во забелешките на грчките медиуми кои излегоа со реакции веднаш по говорот на македонскиот премиер на Самитот на НАТО во Вашингтон.

На ваквите написи претходеше и изјавата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис кој истакна дека е сериозно загрижен од тоа што новата влада на Северна Македонија во внатрешната комуникација сè уште се нарекува Република Македонија.

Според Мицотакис, тоа не ѝ помага на европскиот пат на Северна Македонија и е непотребна компликација.

Мицотакис меѓу другото нагласил дека „напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори.

Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот, порача грчкиот премиер.