– Гугл отпушти 28 вработени поради нивната вмешаност во 10-часовниот протест во две канцеларии на технолошкиот гигант во Калифорнија и во Њујорк, Соединетите Американски Држави (САД) поради врската на компанијата со Израел.
Како одговор на протестите во вторникот предводени од групата наречена „No Tech For Apartheid“ против Проектот „Нимбус“, договор за облак-услуги во вредност од 1,2 милијарди долари со Израел, Гугл синоќа отпушти 28 вработени обвинети за учество во протестите.
„Оваа вечер Гугл неселективно отпушти над дваесетина вработени, вклучително и оние меѓу нас кои директно не учествуваа во вчерашните историски, 10-часовни протести“, се вели во објавата на X на „No Tech For Apartheid“.
Крис Раков, шефот за глобална безбедност на Гугл, ја нагласи политиката на нулта толеранција на компанијата кон однесувањето на демонстрантите во порака испратена до сите вработени, која исто така кружеше и на социјалните мрежи.
„Ваквото однесување нема место во нашиот работен простор и нема да го толерираме“, се наведува во соопштението.
„По истрагата, денеска го прекинавме работниот однос на дваесет и осум вработени за кои беше утврдено дека се вмешани. Ќе продолжиме да истражуваме и да преземеме мерки доколку се потребни“, се додава во соопштението.
Како одговор, „No Tech For Apartheid“ го осуди овој потег, нарекувајќи го „флагрантен чин на одмазда“.
„Овој флагрантен чин на одмазда е јасен показател дека Гугл повеќе го цени својот договор од 1,2 милијарди долари со геноцидната израелска влада и војска отколку сопствените вработени“, велат од групата.
Околу 10 часа по протестите, полицијата уапси група вработени и во канцелариите во Њујорк и во Калифорнија, објави групата на Х.
Протестите се случуваат во период на континуирана офанзива на Израел врз Појасот Газа, која од изминатиот 7 октомври однесе над 33.800 животи.
Отпуштањата, кои се случија само неколку часа откако девет вработени беа приведени од полицијата за време на протестот во Санивејл, Калифорнија и Њујорк, предизвикаа бран контроверзии во компанијата и пошироко.
– Проект „Нимбус“
Проектот „Нимбус“ вклучува облак и систем за машинско учење што овозможува складирање, собирање, анализа, идентификација на мотив и карактеристики од податоците и предвидување на потенцијални податоци и мотиви.
Договорот за проектот вреден 1,2 милијарди долари беше потпишан во април 2021 година помеѓу Израел и Гугл и Амазон.
Израел во април 2021 година објави дека Гугл и Амазон добиле огромен државен тендер, дозволувајќи му на Израел да основа локални центри за сервери за облак-складирање.
Системот може да ги собере сите извори на податоци обезбедени од Израел и неговата војска, вклучувајќи бази на податоци, ресурси, па дури и извори за набљудување во живо, како што се камерите на улиците и дроновите.
Критичарите тврдат дека проектот може да му помогне на Израел да продолжи со својот систем на угнетување, доминација и сегрегација на палестинскиот народ сличен на апартхејдот.