Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера ги повика светските лидери, кои ќе се соберат следната недела во Њујорк, да најдат решение за излез од тешката геополитичка ситуација, пренесоа француските медиуми.
-Ќе се собереме во време кога човештвото се соочува со огромни предизвици – од засилена климатска криза до ескалација на конфликти, поминување низ глобалната криза во трошоците за живот, наглото зголемување на нееднаквостите и спектакуларниот пресврт во светот на технологијата, изјави Гутереш.
Тој зборуваше неколку дена пред почетокот на општите политички дебати на Генералното собрание на ОН, каде се очекуваат десетици шефови на држави и влади.
Луѓето очекуваат нивните лидери да најдат начин за излез од овој хаос, рече тој, осудувајќи ја фрагментацијата низ светот за која рече дека го намалува капацитетот на меѓународната заедница да одговори на кризи.
-Војната во Украина „е клучен фактор за влошување на геополитичките поделби. Така, можното решение, мирот во Украина во согласност со Повелбата на ОН и меѓународното право ќе биде многу важно за намалување на геополитичките поделби, истакна тој.
Гутереш посочи дека следната недела ќе се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган, со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и дека ќе се направи обид за заживување на Црноморскиот договор за жито. Преговаран под покровителство на Анкара и Обединетите нации во летото 2022 година, овој договор имаше за цел да обезбеди безбеден извоз на жито преку украинските пристаништа на Црното Море. Меѓутоа, Русија во јули годинава се повлече од договорот, кој е важен за глобалната безбедност на храната.