Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска употреби ретко користено специјално овластување за да го предупреди Советот за безбедност за претстојната „хуманитарна катастрофа“ во Појасот Газа и ги повика членовите на телото да побараат итен хуманитарен прекин на огнот.
Во писмото до членките на Советот за безбедност на ОН, Гутереш наведува дека хуманитарниот систем на Појасот Газа е во опасност од колапс по двомесечната војна меѓу Израел и палестинскиот Хамас што доведе до „страшно човечко страдање, физичко уништување и колективна траума“.
Тој се повика на членот 99 од Повелбата на ОН, кој му дозволува на генералниот секретар да го предочи на Советот за безбедност за секое прашање за кое смета дека може да го загрози меѓународниот мир и безбедност.
„Меѓународната заедница има одговорност да го искористи сето свое влијание за да спречи понатамошна ескалација и да стави крај на оваа криза“, рече Гутереш.
Во писмото, Гутереш ги осудува „грозоморните акти на тероризам“ и бруталното убиство на повеќе од 1.200 луѓе во Израел од страна на екстремистите од Хамас на 7 октомври, како и киднапирањето на околу 250 луѓе во нападот со кој започна војната. Тој повика на итно ослободување на повеќе од 130 лица кои се уште се притворени.
Членот 99 е посебен авторитет и единствена независна политичка алатка дадена на генералниот секретар во Повелбата на ОН, која му дозволува да свика седница на Советот за безбедност по сопствена иницијатива со цел да предупреди на нови закани за меѓународниот мир и безбедност и на прашања кои се уште не се на дневен ред на тоа тело.
Доколку Советот за безбедност на ОН одлучи да постапи по советот на Гутереш и да усвои резолуција за прекин на огнот, има дополнителни овластувања на располагање за да го обезбеди неговото спроведување, вклучително и овластување да воведе санкции или да одобри распоредување меѓународни сили.
Арапската група, составена од 22 членки на ОН, претходно силно го поддржуваше прекинот на огнот во војната меѓу Израел и Хамас. Сепак, примирјето не е поддржано од САД, кои се најблискиот сојузник на Израел и имаат право на вето во Советот за безбедност.
Амбасадорот на Израел во ОН, Гилад Ердан, рече дека Гутереш се повикал на член 99 за да изврши притисок врз Израел и го обвини генералниот секретар на ОН за „нов морален пад“ и „пристрасен однос кон Израел“.