Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп му понуди на Володимир Зеленски САД да преземат контрола над 50 отсто од минералните ресурси на Украина, изразувајќи ја својата подготвеност да распоредат американски војници на местата на нивна експлоатација, пишува NBC News, повикувајќи се на четири извори во администрацијата на Вашингтон.
– Договорот за експлоатација ќе биде можност Украина да им компензира на САД за милијарди долари оружје и поддршка што и ја дава на Украина од февруари 2022 година – соопшти телевизијата.
Се забележува дека распоредувањето на силите ќе се случи доколку се постигне договор со Русија.
Според американскиот канал, документот на Зеленски му го претставил американскиот министер за финансии Скот Бесант за време на неговата посета на Киев во средата.
Во последниве месеци, претседателот Доналд Трамп покажа интерес за склучување договор со Украина што ќе им овозможи на САД значителен пристап до нивните минерали од ретки земји што се користат за производство на различни технолошки производи.
Во неодамнешното интервју за Фокс њуз, Трамп рече дека сака САД да добијат украински ресурси во вредност од 500 милијарди долари и посочи дека Киев „во основа се согласил со тоа“.