Дали Вучиќ си го „пере“ имиџот: Името на Вулин го нема во предлогот на новата Влада на Србија

Александар Вулин, еден од најблиските соработници на претседателот Александар Вучиќ, е изоставен од новата српска Влада, што е изненадување со оглед на тоа што тој долго време е во политичкото раководство на оваа земја на различни функции.

Оваа одлука доаѓа по голем број контроверзи што ја следеа неговата кариера, вклучувајќи ги и американските санкции за вмешаност во меѓународниот организиран криминал, трговија со дрога и злоупотреба на јавна функција.

Низ годините ги извршуваше функциите министер за труд, министер за одбрана и директор на безбедносно-информативната агенција (БИА). Неговата блискост со Русија и застапувањето на концептот на „српски свет“ често предизвикуваат загриженост во регионот и пошироко.

Во јули 2023 година, американското Министерство за финансии воведе санкции за Вулин за вмешаност во меѓународен организиран криминал, нелегална трговија со дрога и злоупотреба на јавна функција. Овие обвинувања доведоа до негова оставка како директор на БИА, а опозициските партии во Србија побараа негово разрешување од сите државни функции.

И покрај претходните шпекулации дека Вулин ќе биде назначен за вицепремиер, конечниот предлог на кабинетот на премиерот Ѓура Мацут не го вклучува неговото име. Оваа одлука може да се толкува како одговор на меѓународниот притисок и обид на Вучиќ да го подобри својот имиџ на меѓународната сцена.