Министерството за одбрана на Велика Британија го објави најновиот разузнавачки извештај од бојно поле во Украина, во кој се наведува дека началникот на рускиот Генералштаб Валериј Герасимов ја потрошил предноста во жива сила, а неговиот план да започне општа зимска офанзива со огромни жртви не успеал.
„Мандатот на Герасимов се карактеризира со напор да започне општа зимска офанзива чија цел е проширување на руската контрола врз целиот регион Донбас. 80 дена подоцна, се поочигледно е дека овој проект пропадна“, се вели во извештајот.
Тие веруваат дека руските вооружени сили постигнале само помали придобивки на неколку делови од фронтот во Донбас по цена на десетици илјади жртви. Додаваат дека во овие акции во голема мера ја загубиле привремената предност во воената човечка сила стекната за време на есенската „делумна“ мобилизација.
„По десет години на чело на руската команда, постои реална можност Герасимов да ги поместува границите до каде руското политичко раководство ќе го толерира рускиот неуспех“, заклучува Министерството за одбрана на Велика Британија.