Дали дијалогот меѓу Косово и Србија ќе заврши со взаемно признавање

Пред средбата закажана за 26 јуни на косовскиот премиер Албин Курти со српскиот претседател Александар Вучиќ во Брисел, опозициските групи на Косово бараат од Курти конечната цел на дијалогот да биде взаемно признавање, а не нормализација на односите преку Бриселскиот договор и Охридскиот анекс, пишува Косово онлајн.

Претставничката на ДПК Блерта Дељиу вели дека пристапот кон дијалогот мора да биде координиран со сојузниците и дека Курти не треба да разговара за договор чиј центар не е де јуре признавањето.

Дељиу за косоовскиот медиум вели дека Курти направил лош договор за Косово кој дозволува автономија на Србите на северот.

Пратеничката на ДСК, Резарта Красниќи, исто така го критикува Курти за пренасочување на процесот на дијалог и наведува дека владата повеќе не зборува за меѓусебно признавање, туку само за спроведување на Бриселскиот договор, за кој исто така посочува дека е автономија на Србите на Косово.

А заменикот на АБК, Тиме Кадријај, смета дека Курти треба да инсистира дијалогот, без разлика на бриселскиот договор и охридскиот анекс, да заврши со взаемно признавање.

Инаку како што е најавено, на средбата на високо ниво ќе посредува високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Џузепе Борел, а требаше да се развие и нова рунда дијалог за нормализација на односите со посредство на Европската унија.

Одржувањето на новата рунда дијалог беше договорено за време на овонеделните посети на Косово и Србија од страна на специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак.