Дали зелениот чај е природна верзија на Ozempik? Експертите ја открија вистината

Неодамна на социјалните мрежи се појавија тврдења дека зелениот чај е природна верзија на лекот Оземпик, а експертите решија да откријат дали има вистина во тоа, како и дали зелениот чај влијае на слабеењето.

Во античка Кина пред 2.000 години, луѓето го фалеле зелениот чај  како еликсир за ослободување од вишокот килограми. Во модерното време, овој пијалок стана главен дел од книгите за исхрана и планирање оброци.

До денес, зелениот чај го следи неизбежниот пат на секој трик за слабеење што се појави во последниве години: станува сè попопуларен на TikTok. Заразните видеа тврдат дека овој пијалок помага при слабеење, оди дотаму што го нарекуваат „природна  Оземпика “. Некои објави сугерираат да пиете дури пет шолји дневно.

Иако постојат некои истражувања за зелениот чај и тежината, доказите за тоа дали една шолја (или неколку) може да ги стопи килограмите се нејасни, вели д-р Џоцна Гош, доктор на науки, специјализирана за дебелина на Универзитетот Џон Хопкинс.

Многу видеа на социјалните мрежи тврдат дека зелениот чај го стимулира производството на цревниот хормон GLP-1, кој го поттикнува панкреасот да ослободува инсулин после оброк. Тој инсулин, пак, го намалува шеќерот во крвта. GLP-1, исто така, ја забавува брзината со која храната го напушта желудникот и влијае на делови од мозокот кои го регулираат гладот.

Оземпик и слични лекови испорачуваат соединение кое имитира GLP-1, правејќи луѓето побрзо да се чувствуваат сити. Многумина престануваат да чувствуваат силна желба за храна.

Некои истражувачи теоретизираат дека зелениот чај може да го стимулира GLP-1, делумно затоа што студиите откриле дека екстрактот од зелен чај може да го намали шеќерот во крвта кај глувците со дијабетес. Но, имало само неколку мали човечки студии, а резултатите се неубедливи.

 

Едно од ретките клинички испитувања на оваа тема, во кое беа разгледани 92 лица со дијабетес тип 2, сугерираше дека нема значајна разлика во производството на GLP-1 помеѓу луѓето кои земале екстракт од зелен чај и оние кои земале плацебо апчиња.

Секој ефект кој зелениот чај може да го има врз GLP-1 е веројатно мал, велат експертите. Секоја храна или пијалок може малку да го зголеми нивото на GLP-1, рече д-р Гош. Но, нивото на GLP-1 во крвотокот опаѓа неколку минути откако ќе јадете или пиете нешто, што е една од причините зошто повторно огладнуваме и зошто привременото зголемување на хормонот не гарантира губење на тежината.

Оземпик и слични лекови, за разлика од нив, остануваат во телото со денови и се далеку посилни од природниот хормон, што ги прави уникатно добри во потиснувањето на апетитот.

Зелен чај и слабеење

Многу тврдења за зелениот чај и губење на тежината споменуваат две компоненти на овој пијалок: кофеин и антиоксиданси.

Кофеинот, теоретски, може малку да го забрза метаболизмот. Но, малку е веројатно дека ефектот ќе се претвори директно во значително губење на тежината, според д-р Гош,  пишува Њујорк Тајмс.

 

Зелениот чај содржи и соединенија наречени полифеноли, антиоксиданси кои можат да помогнат во заштитата на клетките од оштетување и намалување на воспалението. Студиите на животински и човечки клетки сугерираат дека овие соединенија можат да го подобрат метаболизмот и да ја намалат апсорпцијата на мастите од цревата. Но, испитувањата на луѓе имаа мешани резултати.

Исто така, имаше неколку мали студии кои директно гледаа дали зелениот чај е поврзан со губење на тежината. Еден труд, кој разгледа повеќе од десет такви рандомизирани контролирани испитувања, откри дека луѓето кои земале екстракт од зелен чај често губат мала количина на тежина што „не е веројатно да биде клинички важно“. Други студии, исто така, покажаа дека луѓето кои консумираат зелен чај имаат тенденција да губат мала количина на тежина, обично помалку од два килограми.

 

Луѓето кои се свртуваат кон зелениот чај за да ослабат „не можат да очекуваат голем ефект, секако ништо како лек како Оземпик“, вели Роб ван Дам, професор по наука за вежбање и исхрана на Институтот Милкен на Универзитетот Џорџ Вашингтон.

Џулија Зумпано, регистриран диететичар во Клиниката Кливленд во Охајо, додаде дека фокусирањето на една храна или пијалок ги игнорира многуте други фактори кои играат улога во губењето на тежината. Тие вклучуваат поширока исхрана на една личност, навики за вежбање, генетика, стрес, метаболичко здравје, па дури и квалитетот на сонот што го добива поединецот.

– Погледнете како можете да го подобрите вашиот животен стил, ако целта ви е слабеење –  рече таа.