Дали историјата се повторува? Полскиот министер за надворешни работи го споредува Путин со Брежњев

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски предупреди дека режимот на лидерот на Кремљ, Владимир Путин, би можел да се сруши доколку се случи нова трка во вооружување во стилот на Студената војна.

Сикорски верува дека Путин треба да разбере дека „ги следи стапките на (Леонид) Брежњев“, осврнувајќи се на советскиот лидер поврзан со ерата на стагнација.

„Тој самиот еднаш рече дека Советскиот Сојуз се распаднал затоа што трошел премногу на оружје – а сега го прави истото“, нагласи највисокиот дипломат на Полска, пишуваат странските медиуми, според Телеграф.

Сикорски додаде дека Русија во моментов води „многу скапа војна“ и дека нејзината агресија го натера целиот Запад да ги зголеми трошоците за одбрана.

„Путин ќе биде принуден да троши уште повеќе пари за одбрана. Се надеваме дека резултатот за неговиот режим ќе биде ист [како оној на СССР – уред.], само побрзо“, заклучи Сикорски.

Студијата на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм претходно покажа дека воените трошоци во Европа (вклучувајќи ја и Русија) се зголемиле за 17% на 693 милијарди американски долари, станувајќи главен двигател на растот на глобалните воени трошоци во 2024 година.

Во меѓувреме, на самитот на НАТО во Хаг на 25 јуни, лидерите се согласија за најголемото зголемување на трошоците за одбрана од крајот на Студената војна, зголемувајќи ја колективната цел на 5% од БДП.