По месеци интензивни шпекулации за тоа дали бракот на поранешниот претседател на Соединетите Американски Држави Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама е во криза, двојката конечно одлучи да проговори – и тоа на најперсонален можен начин.
Барак беше гостин во подкастот на IMO, кој Мишел го води заедно со својот брат, Крег Робинсон. Во отворен и духовит разговор, сопружниците за прв пат јавно ги коментираа приказните за развод што ги преплавија социјалните мрежи и медиумите во последните месеци.
Со насмевка, Крег го започна разговорот прашувајќи: – Што, сè уште се сакате? – на што Мишел одговори саркастично: – Секако, но знаеш како оди таа машинерија за гласини.
Барак продолжи со допир на иронија: – Таа ме врати! Но, признавам, беше напнато некое време.
Мишел потоа, во момент на искреност што ги трогна многу слушатели, изјави: – За сите овие речиси 33 години брак, немаше ниту еден момент кога помислив да го напуштам мојот маж.
Таа додаде дека поминале низ тешки периоди, но и низ неколку убави моменти и авантури, и дека токму со Барак станала најдобрата верзија од себе.
Братот на поранешната прва дама сподели анегдота од Канзас Сити, кога непозната жена го замолила за заедничка фотографија, а потоа го прашала шепотејќи: – Што направил? – алудирајќи на Барак.
– Како да е логично дека згрешил нешто штом не се појават заедно – се пошегува Робинсон.
Барак призна дека многу приказни едноставно не го допираат.
– Се збунувам кога некој ми ги спомнува тие гласини. Јас си го живеам животот и често не знам што се зборува сè додека некој не ми фрли информации како бомба – рече тој низ смеа.
Гласините почнаа да се натрупуваат откако Мишел пропушти неколку големи политички настани – вклучувајќи го погребот на Џими Картер и инаугурацијата на Доналд Трамп – што предизвика низа прашања за природата на нивната врска.
Ситуацијата беше дополнително разгорена од изјавата на Барак на универзитетско предавање кога на шега рече дека е „во сериозна неповолна положба со сопругата“ и дека се обидува да се извлече од таа дупка со „смешни гестови“.
Мишел се обиде да ги смири гласините во друг подкаст во мај, велејќи: – Ако навистина имав проблеми со мојот сопруг – сите ќе го знаеја тоа.
Таа додаде дека не е маченик и дека доколку се случила криза, немаше да ја крие зад насмевка.
Во најновата епизода од подкастот IMO, Мишел беше уште поотворена, зборувајќи за животот по Белата куќа и фазата на „празно гнездо“ во која се наоѓаат сега кога нивните ќерки Малија (26) и Саша (24) се возрасни.
– За првпат во мојот живот, сите одлуки што ги носам не се однесуваат на мојот сопруг, неговата кариера, децата или семејството. Тие конечно се мои. И тоа е ослободувачко – рече Мишел, додавајќи со насмевка: – Дами, ова е само почеток на нашиот вистински живот.
Без оглед на шегите, провокативните изјави и сомнежите на јавноста, едно е јасно – Барак и Мишел Обама сè уште стојат еден покрај друг, отворено признавајќи дека дури и најсилните бракови не се совршени, но дека љубовта, меѓусебното почитување и подготвеноста за градење и растење се она што ги држи заедно.