Последниот пат кога имаше големо забавување на моќните океански струи на Северен Атлантик, тоа ја втурна Европа во екстремен студ повеќе од илјада години, a ова се случило последен пат пред околу 12.800 години.
Научниците од Данска оваа недела тврдат дека најдоцна до крајот на овој век би можеле да очекуваме ново ненадејно слабеење на океанските струи, па дури и најлошото сценарио.
Климатолозите генерално се согласуваат дека океанските струи во Атлантикот ќе ослабат овој век, но не постои консензус за тоа дали драстично забавување со несогледливи последици за климата ќе се случи пред 2100 година, пишува весникот New York Times.
Новото истражување, објавено во вторникот во списанието Nature Communications, предупредува дека има сè повеќе научни докази дека континуираното ослободување на стакленички гасови создадени од човекот може да доведе до климатска „пресвртна точка“, со брзи и неповратни еколошки промени.
Коавторката на оваа научна работа, д-р. Сузане Дитлевсен, професорка по статистика на Универзитетот во Копенхаген, предупредува дека новите откритија се доволен аргумент дека климатскиот распад повеќе не се смета за апстрактна, далечна закана. Ова се случува овде и сега, предупредуваат авторите на научниот труд.
Научниците ги проучуваат промените во Северноатлантската меридијална превртена циркулација (AMOC), главната струја во Атлантскиот Океан. Таа носи површинска топла солена вода на далечниот север каде што по ладењето се повлекува на дното и тече на југ. Овој систем на океански струи пренесува важен дел од топлинската енергија од тропските области до северниот дел на Атлантикот, од каде топлината ја напушта атмосферата.
Оваа струја ја транспортира топлата океанска вода од тропските предели преку Голфската струја, а потоа поминува по југоисточниот брег на САД пред да се сврти кон северот на Европа. Кога океанските води ја ослободуваат својата топлина во воздухот на далечниот север, тој станува постуден и погуст и тоне во длабочините на океанот враќајќи се кон екваторот. Овој ефект на потопување, или превртување, им овозможува на океанските струи да пренесат огромно количество топлина околу планетата, поради што имаат исклучително големо влијание врз климата во областа на Атлантикот и пошироко, пишува New York Times.
Меѓутоа, бидејќи атмосферата се загрева поради човечкото влијание, ледената покривка на Гренланд се топи и голема количина свежа вода се влева во Северниот Атлантик, што може да ја наруши рамнотежата што ја одржува оваа струја.
Делот од Атлантикот јужно од Гренланд е значително постуден во последниве години, што некои научници го гледаат како доказ дека северноатлантската струја (AMOC) забавува.