Странските медиуми пренесуваат дека за компаниите Lyoness International AG и Lyoness Europe AG (Лајонес), двете со седиште во Швајцарија е отворена стечајна постапка. Овие две компании кои работат на пирамидална шема се доста распространети во Македонија и оваа вест би требало да загрижи дел од македонската јавност.
„Стечајната постапка ги погодува само овие две компании. Националните компании на Lyoness, кои независно управуваат со куповна група за потрошувачи и партнерски компании-учеснички во соодветните земји, продолжуваат да бидат активни во вообичаените предности при купувањето ако купуваат во партнерските компании на Lyoness“, се вели во објавеното соопштение од компанијата.
Кристофер Томсон, претседател на Одборот на директори на Lyoness International AG и Lyoness Europe AG, објаснува:
„Пандемијата, енергетската криза и инфлацијата оставија длабоки траги врз нашата компанија во последниве години. За жал, менаџментот повеќе не се гледа себеси во позиција да продолжи да раководи со Lyoness International AG и Lyoness Europe AG во оваа форма“.
Зошто оваа вест може да загрижи многу Македонци ?
Речиси и да нема жител на Македонија кој не е слушнал за „Лајонес“ односно за компанијата Lyoness International AG, а главен актер и промотор на ова е Зоран Витанов. Многу Македонци се дел од оваа пирамидална шема која нуди кеш-бек услуги односно враќање на дел од парите при купување со „Лајонес“ картичка во местата каде што е склучно соработка за користење на услугите.
Многу луѓе, пред се тинејџери со години ги следат инструкциите од првиот човек на оваа мрежа во Македонија, Зоран Витанов, на која од пред некој ден и се заканува дебакл.
Зоран Витанов активно преку социјалните мрежи ја промовира мрежата на Lyoness и Lyconet (сестринска компанија), нудејќи им на луѓето едукативни совети за заштеда и правење „лесни“ пари.