Рускиот национален антитерористички комитет денеска соопшти дека украинските „специјалци“ го нападнале мостот на Крим користејќи дронови кои се движат по површината на водата.
Би-Би-Си јавува дека комитетот потврдил дека е покрената кривична истрага за нападот.
Руската агенција РИА Новости претходно ја пренесе изјавата на Владимир Константинов, претседател на кримскиот парламент, кој рече дека украинскиот „терористички режим“ стои зад инцидентот на мостот на Крим во кој загинаа две лица.
Извор од Службата за безбедност на Украина за руската Би-Би-Си изјави дека нападот е „специјална операција на поморските сили на вооружените сили на Украина и на Службата за безбедност на Украина“.
– Мостот беше нападнат од површински дронови. Беше тешко да се стигне до мостот, но на крајот беше можно – изјави изворот.
На социјалните мрежи се појавија шпекулации дека нападот го извршил подводниот дрон Толока ТЛК-150, кој може да оди и по површината на водата, а за кој британскиот ,,Дејли телеграф” пред два месеци напиша дека тоа е првиот беспилотен брод – убиец кој беше целосно дизајниран и направен во Украина.
– Русија има нов проблем во Црното Море. Ова е природната еволуција на украинските поморски беспилотни летала – изјави тогаш за овој весник поморскиот аналитичар Х.А. Сатон, опишувајќи го Толока ТЛК-150 како „залутано торпедо“.