Русија има „значајни количини“ западни средства на своја територија што би можеле да бидат предмет на одмазда доколку Западот ги заплени приходите од замрзнатите руски средства, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Лидерите на Г7 се согласија на самитот во Италија минатата недела да ги искористат каматите од замрзнатите руски средства на Запад за да обезбедат заем од 50 милијарди долари за Украина. Русија тврди дека оваа акција е незаконска и ќе му се врати на Западот бидејќи ќе ја поткопа довербата во глобалниот финансиски систем.
„Нашата земја има значителни износи на западни фондови и средства кои се под руска јурисдикција. Сето ова може да биде предмет на руската одмаздничка политика“, им рече Захарова на новинарите.
„Се разбира, никој нема да ви ја открие природата на тие одмазднички акции. Но, арсеналот на политички и економски контра – мерки е широк.”
Економистите, адвокатите и експертите велат дека една од најверојатните руски мерки ќе биде запленувањето на финансиските средства на странските инвеститори кои моментално се чуваат на специјални сметки „тип Ц“, кои се блокирани од пристапот од почетокот на војната, освен ако Москва не одлучи поинаку.
Околу 260 милијарди руски средства, како што се резервите на централната банка, се замрзнати под санкциите наметнати на Москва поради војната во Украина. Околу 190 милијарди се чуваат во Euroclear, финансиска институција со седиште во Брисел.
Претставници на Европската унија за Ројтерс минатата недела изјавија дека ЕУ може да осигура околу половина од заемот од 50 милијарди долари за Украина. Меѓутоа, италијанската премиерка Џорџо Мелони, домаќин на самитот на Г7, подоцна изјави дека парите ќе дојдат од САД, Канада, Велика Британија, а можеби и од Јапонија и дека членките на Унијата сè уште нема да бидат подеднакво вклучени.
Захарова рече дека Русија добила „директни сигнали“ од некои членки на групата Г7 дека нема да учествуваат во такви акции „бидејќи разбираат дека цената би била крајно болна“. Таа не ги именуваше земјите или не даде дополнителни детали за да го поткрепи тврдењето.