Во грчкиот парламент беше покрената иницијатива за гласање недоверба на владата поради железничката несреќа пред две години во која загинаа 57 лица.
Барањето го поднесоа 85 пратеници од опозициските партии ПАСОК, СИРИЗА, Нова слобода и Нова левица, како и девет независни пратеници.
Во документот од 17 страници, доставен до парламентот од лидерот на најголемата опозициска партија ПАСОК, Никос Андрулакис, се наведува дека криминалната катастрофа во Темпи на 28 февруари 2023 година е најсмртоносната железничка трагедија во грчката историја и дека владата „овозможи неказнивост и учествуваше во прикривањето на фактите“.
„Ова сега е нелегитимна влада со нелегитимен премиер“, се наведува во предлогот за гласање недоверба, пишува „Екатимерини“.
Во документот се детализирани низата настани и дејствија што ги наведоа пратениците да го поднесат барањето, тврдејќи дека владата ја залажувала јавноста за безбедноста на железничкиот систем.
„Немаше безбедносни мерки“
Во документот се обвинува администрацијата дека „не ги имплементирала неопходните безбедносни мерки на железницата кои можеле да ја спречат катастрофата, манипулирање на местото на несреќата, користење на дотерувани аудио снимки и лажни тврдења, вклучително и изјавата на премиерот дека немало нелегален товар во товарниот воз“.
Дополнително, пратениците тврдат дека Владата веќе две години не преземала никакви чекори за подобрување на железничкиот систем или за решавање на условите што довеле до несреќата.
Опозицијата нема мнозинство во парламентот за да изгласа недоверба на Владата, а премиерот Киријакос Мицотакис претходно изјави дека нема да успеат.
Несреќата се случи на 28 февруари 2023 година, кога брз патнички воз кој сообраќал од Атина кон Солун се судрил со товарен воз во општина Темпи.
Загинаа 57 луѓе, а десетици беа повредени, пред се студенти кои се враќаа на студии по подолг викенд.
Во Грција веќе неколку дена се одржуваат протести по повод годишнината од железничката несреќа.
Полицијата се судри со демонстрантите во центарот на грчката престолнина претходно денеска за време на протестот по повод втората годишнина од железничката несреќа.