За ногу луѓе утринското кафе не е само навика – тоа е горивото што ги поттикнува и им дава енергија да го започнат денот. Но, пиењето кафе не е само начин да се разбудите, а според научниците, постои вистинско време кога е најдобро да се пие овој пијалок. Пишувајќи за Тајмс, Либи Галвин откри дека времето на пиење кафе може да влијае на тоа колку сме внимателни и фокусирани наутро. Клучниот момент е приближно 90 минути откако телото ќе доживее природен наплив на кортизол, хормонот што не буди.
Кортизолот, хормонот кој ни помага да се чувствуваме будни и енергични, го достигнува својот врв околу половина час по будењето. Затоа, ако пиеме кафе само откако нивото на кортизол ќе почне да опаѓа, можеме подолго да го одржуваме чувството на будност, наместо да го стимулираме прерано, пренесува Express.
Либи објаснува: „Пијте кафе час и половина по будењето, кога кортизолот почнува да опаѓа, за да го продолжите утринското чувство за фокусирање“.
Но, не е важно само кога ќе го испиеме првото кафе. Важен е и моментот кога ја пиеме последната шолја кофеин во текот на денот.
Таа додаде: „Последното кафе испијте го пред ручекот. Пет часа откако ќе конзумирате кофеин, половина од него се уште е присутен во вашето тело, а не се исфрла целосно ниту девет до десет часа по првата голтка“.
Дали кафето може да го продолжи животот?
Се чини дека нашето омилено утринско кафе навистина може да има моќ да го продолжи животот. Една неодамнешна студија, објавена во списанието Aging Research Reviews, анализираше повеќе од 50 студии и откри дека кафето може да додаде дури 1,8 години во вашиот живот.
Водечкиот автор на студијата, Родриго Куња, рече: „Знаеме дека светската популација старее побрзо од кога било, што го прави сè поважно да се истражуваат навиките во исхраната кои не само што можат да го продолжат животот, туку и да го направат поздрав“.
Професорот Тим Спектор се согласува и споделува интересни податоци на Инстаграм: „Истражувањата покажуваат дека оние што пијат кафе имаат помал ризик од срцеви заболувања во споредба со оние што не пијат. Исто така, нема докази дека кафето го зголемува ризикот од рак или го скратува животниот век“.
Претерувањето со кафе може да предизвика несакани ефекти
Но, тоа не значи дека треба неконтролирано да пиеме кафе. Иако има многу позитивни ефекти, прекумерното консумирање може да предизвика немир и да го зголеми срцевиот ритам кај некои луѓе.
Тој, исто така, ги истакна здравствените придобивки од кафето: „Кафето е богато со полифеноли и влакна кои имаат позитивни ефекти врз здравјето на цревата, но за оние кои се чувствителни на кофеин, неговите негативни може да ги надминат придобивките“.
Како заклучок, пиењето кафе во вистинско време може да ни помогне да останеме будни и фокусирани, но треба да внимавате на количината и вашата лична толеранција за кофеин.