Ново оружје за Украина, рок од 50 дена за Путин, поврзано со заканата од дополнителни санкции за руските трговски партнери: Американскиот претседател Доналд Трамп го заострува курсот. Дали ќе биде доследен во тоа?
Доналд Трамп ја промени својата политика кон Русија . Од една страна, тој им се заканува на Москва и нејзините трговски партнери со нови економски санкции и го поврзува тоа со ултиматум. Трамп најави дека ќе воведе таканаречени секундарни царини ако Русија не се согласи на примирје во војната во Украина во рок од 50 дена – имено царини „во износ од околу 100 проценти“.
Трамп на тој начин ги таргетира земјите како Кина и Индија , кои продолжуваат да купуваат нафта и гас од Русија, полнејќи ја со тоа касата на Владимир Путин . Американскиот Сенат предложи во нацрт-санкциите уште показнени царини, до 500 проценти, за земјите кои продолжуваат да купуваат нафта, гас и други суровини од Русија.
Испораката на оружје како „бизнис“
Во исто време, американскиот претседател се согласи на нови испораки на оружје за Украина , покрај оние што претходно ги вети неговиот претходник, Џо Бајден . На заедничката прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа, Трамп зборуваше за „бизнис“: САД ѝ испраќаат на Украина ново оружје – а Европејците плаќаат за тоа.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус , по разговорите во Пентагон, потврди дека Германија е подготвена да купи два нови системи за воздушна одбрана „ Патриот “ за Украина: „Се зборува за околу една милијарда евра за еден комплетен систем „Патриот “, рече Писториус за трошоците.
Според генералниот секретар на НАТО Руте, покрај Германија, Норвешка, Финска, Шведска, Данска, Велика Британија и Канада се исто така подготвени да купат оружје во корист на Украина.
„Тоа е навистина голема работа“, рече Руте, осврнувајќи се на подготвеноста на Трамп да испорача оружје произведено во САД доколку другите членки на НАТО го финансираат тоа.
„Ова значи дека Украина добива голема количина нова воена опрема – за воздушна одбрана, но и во форма на дополнителни ракети и муниција“, нагласи Руте .
Промена на курсот во принцип? Експертите се скептични
Дали ова е фундаментална и трајна промена во политиката на Трамп кон Русија? Дали ова значително го зголемува притисокот врз Путин? Американските воени експерти се скептични. „Веќе видовме низа ултиматуми од Трамп во минатото“, вели Џенифер Кавана од вашингтонскиот тинк-тенк „Приоритети за одбрана“.
Таа не верува дека овој 50-дневен ултиматум ќе го промени ставот на Путин на кој било начин, изјави политикологот во интервју за германскиот јавен сервис АРД . На крајот, санкциите со кои се закани Трамп „би можеле да нанесат поголема штета на американската економија од кој било друг“. Покрај тоа, се чини дека Трамп „го менува речиси секоја недела“ својот став кон Путин и ситуацијата во Украина.
„Тој ја прави оваа војна своја војна“
За најавените нови испораки на оружје, Кавана вели: „Се надеваме дека тие системи за воздушна одбрана „Патриот“ , доколку пристигнат во Украина навистина брзо, барем ќе заштитат цивилни објекти и ќе спасат човечки животи. Но, не станува збор за оружје кое решително би ги променило воените односи на фронтот.“
Сепак, во еден момент политикологот гледа навистина важна промена: досега Трамп ја нарекуваше војната против Украина „Бајденова војна“, гледајќи ја низ призмата на својот претходник.
„Со објавувањето на нов начин Украина да добие помош, Трамп ја прави таа војна – своја војна“, верува Кавана. Поради ова, вели тој, во иднина ќе му биде многу потешко да ги следи оние гласови во неговата администрација кои се залагаат за целосно повлекување од помошта за Украина.
Германскиот министер за одбрана Борис Писториус на прашањето дали најавите на Трамп значат пресвртница за германските новинари одговори на следниов начин:
„Општо земено сум претпазлив со ваквите прогнози или очекувања. Но да, можно е – особено ако по 50 дена тие санкции навистина се воведат и ако покажат ефект. Сега многу зависи од многу луѓе од целиот свет да влијаат врз Путин и да го натераат да ја промени својата политика“, заклучи германскиот министер за одбрана.