„Бахмут е само вовед, врата која ќе ја отвори можноста Украина да започне успешна контраофанзива“
Напредувањето на украинската армија во Бахмут сигнализира дека долгоочекуваната контраофанзива е започната, но и дека најверојатно нема да изгледа како блицкриг. Вооружените сили на Украина ја спроведуваат првата голема контраофанзива по неколку месеци. Засега, сепак, оваа контраофанзива е ограничена на областа Бахмут.
Генерал-полковник Олександар Сирски, командант на украинските копнени сили, напиша вчера на апликацијата Телеграм дека „напредувањето на нашите сили во правец на Бахмут е првиот успех на офанзивните дејства во одбраната на Бахмут“.
Киев негираше дека е во тек поширока украинска контраофанзива, велејќи дека сè уште спроведува одбранбени операции во област во која има тешки борби веќе неколку месеци. „Што се случува сега?
Одбранбени мерки
Непријателските трупи напредуваат на исток во неколку правци. Ние се браниме. Одбранбените мерки не вклучуваат само одбрана во буквална смисла, туку и контранапади“, изјави украинската заменик министерка за одбрана Хана Малиар.
Воените експерти, сепак, посочуваат дека Бахмут е увертира за голема контраофанзива. Михајло Подољак, советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју за германски Билд изјави дека Украина ја презела иницијативата во Бахмут и дека продолжувањето на контраофанзивните напади на исток значи дека борбената способност на Русија ќе се намали.
„Во поширока смисла, Бахмут е само вовед во контраофанзива, врата која ќе отвори можност за Украина да започне успешна контраофанзива“, рече Подољак. На прашањето кога би можела да започне контраофанзивата, Подољак објасни дека контраофанзивата „не е еднократен настан што може да започне денес и да заврши утре, туку мноштво акции, десетици, дури и стотици акции, од кои некои се веќе се презема“.
Украинците со недели ги тестираа руските одбранбени позиции, исто како што правеа пред да започнат контраофанзива во Херсон на есен и да ги принудат Русите да се повлечат од западниот брег на реката Днепро. Станува збор за тактика на операции на „формирање“, која вклучува засилени напади врз магацини за оружје, командни центри, оклопни возила и артилериски системи. На пример, складиште за гориво во Севастопол на Крим под руска окупација беше нападнат неколку пати. Големи пожари предизвикани од напади со беспилотни летала се регистрирани во рафинеријата во Илски, која се наоѓа во областа Краснодар во Русија.
Руска логистика
Исто така минатата недела, беа уништени или оштетени четири руски складишта за гориво што ги снабдуваа руските војници во провинцијата Запорожжја и делови од Херсон кои сè уште се под руска окупација. Украинците наводно го нападнале аеродромот Брјанск во Русија, а притоа го оштетиле и транспортниот авион Антонов-124. Во Русија, зголемен е и бројот на саботажи на железницата, кои го сочинуваат столбот на руската логистика.
Иако Украина не ја презема одговорноста за нападите на руска територија, зголемениот број на напади со беспилотни летала врз стратешки руски цели очигледно е насочен кон извидување на позициите и можностите на руските радари. Тоа се сите дејствија преземени пред големи заеднички операции. Но, можно е и тие да имаат цел само да ги збунат Русите.
Подготвителен оган
Одбранбениот аналитичар на Воената академија на Швајцарскиот федерален институт за технологија Маркус Кеуп е убеден дека Украина е во првата фаза од офанзивната операција. „Офанзивата обично започнува прво со разузнавање, така што потенцијалните слаби точки и цели се идентификуваат со подготвителен оган, на пример, артилерија и беспилотни летала“, изјави Кеуп за радиото Дојчландфунк.
И швајцарскиот стручњак смета дека украинската контраофанзива трае „извесен период“. „Многу луѓе во нивните глави имаат слики од Втората светска војна, односно дека офанзивата започнува кога тенковите напредуваат. Ова е глупост, бидејќи тоа е крај на офанзивата, а не нејзин почеток“, додаде Кеуп.
Зеленски во неделата рече дека Украина има „речиси доволно“ оружје за да ја започне својата долгоочекувана контраофанзива. На прес-конференција за време на неговата посета на Берлин, Зеленски рече дека „ќе бидат потребни уште неколку посети (во европските метрополи) и тоа е тоа. Ниту еден ден претходно, при посетата на Рим, Зеленски не сакаше да прецизира кога ќе започне контраофанзивата, само рече дека „наскоро ќе бидат преземени првите важни чекори“.
Можно е една од причините поради која Киев не сака официјално да каже дека контранападот е започнат е тоа што очекувањата на Западот се зголемуваат како одминува времето, што значи дека и разочарувањето ќе биде поголемо во случај на неуспех. Киев сака да остави впечаток на Западот дека поддршката на нивната земја е профитабилна и дека со соодветна поддршка, украинската армија може да ослободи повеќе окупирани региони.
Исто така, можно е украинската команда со одложување да сака да ја принуди руската страна да концентрира дополнителни резерви во областа Бахмут, за да ги оддалечи од другите потенцијални правци на претстојната контраофанзива.
Иако сè уште е можно поширока офанзива да започне со некој голем, отворен напад, сè повеќе докази сугерираат дека е поверојатно таа да биде постепена.