Пентагон планира да испрати десетици илјади артилериски гранати од 155 милиметри во Израел, кои претходно беа наменети за Украина од американските резерви за итни случаи, изјавија за Axios тројца израелски официјални лица запознаени со случајот.
Имено, израелските одбранбени сили (ИДФ) и Министерството за одбрана на Израел им рекле на своите американски колеги дека итно им се потребни артилериски гранати за да се подготват за копнена инвазија на Појасот Газа и потенцијална ескалација на војната од Хезболах, велат израелските власти.
Притоа, американските власти сугерираат дека пренасочувањето на гранати наменети за Украина нема да има непосредно влијание врз способноста на Украина да се бори против руските војници.
Како што пишува Axios, во моментов не е можно да се процени како евентуалната ескалација на војната од Хезболах долж израелско-либанската граница би влијаела на воените испораки на САД за Украина.
Од почетокот на 2023 година, САД почнаа да испраќаат артилериски гранати од 155 милиметри во Украина од сопствените резерви на муниција, кои се чуваат во Израел според претходен договор.
Во тоа време, израелската Армија му кажа на тогашниот премиер Јаир Лапид и тогашниот министер за одбрана Бени Ганц дека не постои моментално сценарио во кое на Израел ќе му треба итно снабдување со гранати.
Сето тоа се смени на 7. октомври, изјавија израелските власти. Треба да се напомене дека само американски воен персонал има пристап до магацините за оружје.
Но, според договорот меѓу двете земји, Израел може да ја користи муницијата доколку се случи воено сценарио и за кратко време, со одобрение од САД.