ДАЛИ САД ИНДИРЕКТНО МУ ИСПРАТИЈА ПОРАКА НА ЗОРАН ЗАЕВ !? Анџела Агелер ја коментираше изјавата на поранешниот премиер за Кочо Анѓушев

Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, смета дека поранешниот премиер Зоран Заев кој застана во одбрана на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев по неговото ставање на „црната листа“ заради вмешаност во значителна корупција, има право да го стори тоа и да го каже својот став.

Со поранешниот премиер сум разговарала многу, иако не во последно време. Тој настапи и се зазема за свој пријател и секако има право да го стори тоа. Ќе кажам дека – исто како и со именувањето на Орце Камчев и неговите организации – она што го видовме е дека, често, кога се работи за овие означувања, како и за корупцијата, тоа со кои луѓе работите може да влијае на вашето семејство. Значи, апсолутно е негово право да каже сѐ што сака за неговиот пријател“, вели амбасадорката Анџела Агелер во гостувањето во емисијата „Стадион“ на Канал 77

Кога некој е означен од САД, како во случајот со Кочо Анѓушев кој вели дека ќе бара некаков вид на правни лекови, Анџела Агелер смета дека тоа е негово право, но додава дека ставањето на „црната листа“ се темели на правна процедура и на докази. 

Повторно ќе кажам, ние не означуваме лица врз основа на сомневања, не означуваме лица врз основа на тоа што мислиме или чувствуваме за нив, тука нема ништо лично. Се работи за правна процедура и како и кај сите правни процедури, оние што биле ставени на листа се добредојдени да ангажираат адвокати од САД и да дејствуваат врз основа на нивното незадоволство. Јас можам да кажам дека сме сигурни во означувањето на тоа лице поради доказите што ги поседуваме. Тој може слободно да се занимава со тоа, но сигурна сум дека таа одлука ќе биде потврдена“, вели американската амбасадорка.

Таа наведува дека нивниот фокус не е само на корупцијата, туку дека највисок приоритет во Амбасадата е да ги поддржи напорите на државава целосно да се интегрира во Европа.

Пред оваа Влада се поставени одредени барања, за да може да продолжи понатаму во пристапувањето кон ЕУ. Ги охрабруваме да ги донесат тие одлуки, било да се работи за опозициските партии, било за Владата, уште еднаш да донесат тешки одлуки и повторно да усвојат амандмани за да продолжат понатаму. Сепак, она што навистина е значајно е државата да ги спроведе реформите што се потребни за целосно да се интегрира внатре во Европа, вклучително и реформите во правосудството, но и во здравството, образованието и други сектори, за целосно да се интегрира во Европа. Тоа ќе ја направи државата посилна, постабилна, попросперитетна и ќе донесе можности што луѓето ги бараат за да не ја напуштат државата и да бараат можности на друго место“, вели американската амбасадорка Анџела Агелер. 

Анџела АгелерМакедонијаполитикаСАД